Линкови за пристапност

Жестоки престрелки во украинскиот источен град Северодоњецк


Украинските и руските сили се во интензивни борби од улица до улица во источниот град Северодоњецк во понеделникот, додека претседателот на Украина рече дека руските војници, исто така, имаат намера да го заземат клучниот југоисточен град Запорожје.

Ситуацијата во Северодоњецк „се менува од час во час“, според шефот на градската управа, Олександр Стрјук.

Претседателот Володимир Зеленски рече дека украинските сили имаат „шанси“ да стекнат контрола во градот.

Неговата оценка дојде откако регионалниот гувернер на Луганск Серхи Хаидаи сугерираше дека Украина загубила позиции. Хаидаи рече: „Нашите бранители успеаја да преземат контранапад. Тие ослободија речиси половина од градот. Но, сега ситуацијата повторно малку се влоши за нас “. И Русија и Украина тврдат дека си нанеле огромни жртви една на друга.

Зеленски на прес-конференција во понеделникот рече дека руските трупи, исто така, имаат намера да го заземат Запорожје, на југоисток, за да им овозможат да напредуваат поблиску до центарот на земјата. „Непријателот сака да го окупира градот Запорожје“, рече Зеленски. Градот е индустриски центар со население од повеќе од 700.000 луѓе.

Украинскиот лидер рече дека добил потврда од британскиот премиер Борис Џонсон „за нов засилен пакет одбранбена поддршка“ и дека двајцата разговарале за начините за деблокирање на украинските пристаништа и за избегнување на криза со храна. Велика Британија во понеделникот објави дека испраќа ракетни системи за повеќекратно лансирање М270 кои можат да погодат цели до 80 километри.

„Не можеме да стоиме настрана додека руската артилерија со долг дострел ги срамнува градовите и убива невини цивили“, рече Џонсон. Зеленски во своето ноќно видео обраќање изрази благодарност: „Благодарен сум на премиерот Борис Џонсон за целосното разбирање на нашите барања и подготвеноста да и обезбедиме на Украина токму оружјето што и е потребно за да ги заштити животите на нашиот народ“.

Бен Валас, британскиот секретар за одбрана, рече дека поддршката за Украина мора да се промени додека се менуваат тактиките на Русија, и дека новите ракетни системи ќе им овозможат на украинските пријатели подобро да се заштитат од бруталната употреба на артилерија со долг дострел, која силите на Путин ја користеа неселективно со цел да ги срамнат градовите.

XS
SM
MD
LG