Линкови за пристапност

Битката во Северодоњецк со несмален интензитет, Москва истрела ракети во близина на Киев


Британското Министерство за одбрана во понеделникот соопшти дека продолжуваат тешките борби во Северодоњецк.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата направи ретко патување подалеку од Киев, во источна Украина каде што се сретна со војници и бегалци од тој регион.

„Она што сите вие го заслужувате е победа - тоа е најважно. Но, не по секоја цена“, им порача Зеленски на украинските војници во видеото објавено во неделата вечерта.

Министерство за одбрана од Велика Британија, исто така, рече дека руските крстосувачки ракети истрелани рано во неделата ја погодиле железничката инфраструктура во Киев, „најверојатно во обид да го нарушат снабдувањето со западна воена опрема за украинските единици на фронтот“.

Нападот на Киев беше прв по повеќе од еден месец.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили уништиле тенкови испратени во Киев од западните влади.

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека Москва ќе продолжи со ваквите напади, доколку Западот продолжи со испраќање ракетни системи со долг дострел во Украина.

Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела изјави дека Соединетите Држави планираат да испратат 700 милиони долари ново вооружување за Киев, кое вклучува четири ракетни системи со среден дострел со прецизно наведување, хеликоптери, противтенковски вооружени системи, радари, тактички возила, резервни делови и др.

Меѓутоа, од САД велат дека ќе бидат потребни три недели за да се обучат украинските сили како да ги користат ракетните системи како и време за нивно распоредување. Вашингтон вели дека добил гаранции од Киев дека нема да ги користи ракетите за гаѓање локации во Русија.

Путин во телевизиско интервју рече: „Сета оваа врева околу дополнителните испораки на оружје, според мене, има само една цел: да се одолговлекува вооружениот конфликт што е можно повеќе“.

Операторот на нуклеарната централа на Украина, Енергоатом, рече дека една крстосувачка ракета ја погодила нуклеарната централа Пивденнокраинск, на околу 350 километри јужно од Киев на пат кон главниот град, наведувајќи ја опасноста од таков близок напад.

Некои материјали во овој извештај се од Ројтерс и Асошиетед прес.

XS
SM
MD
LG