Се` помалку уписи на студиите по новинарство на државниот универзитет и се` повеќе новинари кои ја напуштаат професијата и заминуваат во приватниот или државниот сектор работејќи ПР или односи со јавност.
Вака делумно може да се отслика моменталната состојба на оваа фела во Северна Македонија.
„ Ако во земјава постоеаја само десетина новинари, седум од нив земаа потпросечна плата. Четворица немаше ниту да имаат постојано вработување, туку ќе работеа со договори на дело. Четворица ќе работеа прекувремено, а на тројца немаше ниту да им се плати. Петмина ќе застанеа на вратата за да излезат од професијата“, покажауваат анкетите кои во изминатите неколку месеци ги спроведе Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) меѓу членството и новинарите и медиумските работници.
А економски независен новинар секогаш е гаранција за точно и професионално известување и слободен медиум. Младите новинари кои треба да го понесат товарот во наредните декади се соочуваат со бројни проблеми но клучниот е ниската плата. Според ССНМ, 62 проценти од новинарите на возраст до 35 години имаат личен доход понизок од просечниот, кој во моментов, според Државниот завод за статистика, изнесува 29.839 денари.
Но, со овој проблем се соочуваат и дел од новинарите со долгогодишно искуство. Работа на терен е ризик за новинарите и медиумските работници бидејќи не се осигурани доколку нешто им се случи.
„ 70 отсто од медиумските работници не се осигурани во случај на повреда на работното место. Недостасуваат и обуки за заштита од опасности, па новинарството е расадник на стрес и на психолошки замор, проблем со кој се соочуваат речиси 60 отсто од луѓето во професијата“, велат од ССНМ.
Ако тоа не е доволно тука се и секојдневните притисоци и закани кои ги добиваат новинарите и медиумските работници, а извори се многу - политичари, бизнисмени, толпи на протести, социјални мрежи па дури и сопственици на медиуми.
Организацијата „Репортери без граници“ во 2021 година ја рангираше Северна Македонија на 90. место на глобалната листа на слобода на медиумите, а во досието на државата стои дека „високи претставници на власта применуваат кон закани и навреди на сметка на новинарите", укажувајќи дека „културата на неказнивост е цврсто вкоренета и е се' уште пречка за безбедност на новинарите", истовремено додавајќи дека бројот на физички напади врз новинарите е намален со зголемување на сајбер мобинг и вербални навреди и злоставувања.