Линкови за пристапност

Најстариот весник во Америка е постар од Америка


Недостигот од хартија бил чест проблем во колонијалната ера, поради што основачот на весникот Томас Грин барал од читателите да сочуваат материјали од лен и памук за да се произведе хартија
Недостигот од хартија бил чест проблем во колонијалната ера, поради што основачот на весникот Томас Грин барал од читателите да сочуваат материјали од лен и памук за да се произведе хартија

Најстар весник во Америка, според историските податоци, е Хартфорд Курант (The Hartford Courant). Тој е основан пред независноста на државата, на 29 октомври 1764 година во Конектикат, тогаш познат како (The Connecticut Courant). Оттогаш, речиси три века, весникот се издава без прекин.

На 15 јули 1776 година, весникот ја објавил во целост Декларацијата за независност на Америка, по што станал најтиражна печатена публикација во колонијалниот период.

А се` што се случувало низ годините, денес може да се најде во дигиталната архива на весникот, која ве води низ настани и времиња до зародишот на државата.

Сопственикот на весникот продавал зачини да ги покрие трошоците

Основач на весникот е Томас Грин, според проектот ConnecticutHistory.org, делумно финансиран од образовниот фонд на Стејт департментот.

Грин, кој потекнува од семејство на печатарски работници, првото издание го објавил на четири страници. Веднаш сфатил дека има потенцијал преку него да го информира светот за најважните настани од тоа време.

На почетокот, весникот излегувал секој понеделник, а за да се покријат трошоците за издавање, Грин продавал облека и зачини пред неговата канцеларија.

Недостигот од хартија бил чест проблем во колонијалната ера, поради што Грин многу често барал и од читателите да ги сочуваат нивните материјали од лен и памук за да се искористат за производство на хартија.

Конектикат Курант на 29 октомври 1764 година
Конектикат Курант на 29 октомври 1764 година

Грин на крајот го продал весникот на неговиот помошник Вотсон, кој за да го реши проблемот со недостиг на хартија изградил сопствена фабрика во близина.

ConnecticutHistory.org пишува дека по смртта на Вотсон од сипаници во 1777 година, неговата вдовица Хана Вотсон ја презела контролата врз весникот, станувајќи една од првите жени издавачи во Америка.

Весникот објавувал реклами за Џорџ Вашингтон

Весникот известувал за бостонските протести на американските колонисти против Велика Британија во 1773 година и за Револуционерната војна во 1775 година

Во годините по Револуционерната војна, весникот задржал истакната позиција во американската култура. Објавувал реклами за познати Американци, како за Џорџ Вашингтон и неговата неуспешна тужба за клевета поднесена од Томас Џеферсон, а во 1807 година го најави и доаѓањето на новата ера на транспортот, објавувајќи го патувањето на Роберт Фултон со параброд од Олбани до градот Њујорк.

Освен што објавувал важни настани, весникот ги одразувал и проропски чувства во Конектикат преку објавување реклами со цел да помогнат да се фатат робовите што бегале.

Според ConnecticutHistory.org, весникот престанал да ги објавува овие реклами пред државните законодавци да го укинат ропството во 1848 година.

Брзо потоа, весникот станал гласен поддржувач на Абрахам Линколн и на новата Републиканска партија.

Згарадата на Конектикат Курант во Хартфорд околу 1913 година - Историско здружение на Конектикат
Згарадата на Конектикат Курант во Хартфорд околу 1913 година - Историско здружение на Конектикат

Како весникот се прилагодил на дигиталната ера?

Во 1913 година, поради големата побарувачка, весникот го објавил првото издание во недела. Во текот на наредните децении жителите на Конектикат се обраќале до Хартфорд Курант за покривање на воените конфликти што се случувале низ целиот свет, брзите комерцијални и политички трансформации што се случувале дома…

Весникот во 20. век го привлекол вниманието на медиумската компанија „Тајмс Мирор“ со седиште во Лос Анџелес, која во 1979 година го купила весникот. Со текот на годините бројот на вработени во весникот пораснал, а во 1994 година изнесувал нешто помалку од 400. Весникот освоил две Пулицерови награди, во 1992 и 1999 година.

Во 2000 година, компанијата „Трибјун“ со седиште во Чикаго го купила „Тајмс мирор“. Со искуство во телевизија, радио и издаваштво, „Трибјун“ му помогнал на Хартфорд Курант да го задржи својот кредибилитет во период на нови медиуми во дигиталната ера.

Другите промени во традиционалното печатено новинарство ширум индустријата, како што се намалувањето на тиражот и падот на приходите од рекламирањето, исто така довеле до значително намалување на персоналот на весникот.

Денес, Хартфорд Курант одржува дневен тираж од над 200.000, и речиси 300.000 во недела.

Гласот на Америка побара разговор со уредничката на Хартфорд Курант Хелен Бенет , за улогата на весникот низ историјата и за предизвиците со кои се соочува денес. Таа го одби барањето во овој момент.

Извор: ConnecticutHistory.org

XS
SM
MD
LG