Линкови за пристапност

И професионални медиуми во Северна Македонија пренесуваат лажни вести


Медиумите имаат врзани раце во однос со борбата со лажните вести, освен привремено да
известуваат за тоа кога ќе наидат на дезинформација која засилено се шири на Интернет
Медиумите имаат врзани раце во однос со борбата со лажните вести, освен привремено да известуваат за тоа кога ќе наидат на дезинформација која засилено се шири на Интернет

Ширењето лажни вести и дезинформации како појава која масовно се шири во светот, не ја заобиколува ниту Северна Македонија, а ова особено доаѓа до израз последните години со пандемијата на ковид-19 и со руската инвазија врз Украина.

Повеќето глобални случувања се предмет на дезинформации и ширење лажни вести кои доаѓаат од различни страни, а на Балканот, претежно почнуваат од Србија, која е главна точка уште од времето на СФРЈ, со најголем број медиуми, поразвиено таблоидно новинарство, дописници низ целиот регион и слично, па оттаму се шират и во другите соседни држави.

Дезинформациите и лажните вести во принцип доаѓаат во бранови, во некои периоди се особено изразени, особено кога постојат глобални кризи и проблеми, има периоди кога стивнуваат, а потоа повторно се активираат. Сето ова, се прави на различни начини, но голем удел тука имаат и медиумите, и секако, одредени профили на социјалните мрежи, сајбер тролови и новоформирани веб-страници со единствена задача и цел – да промовираат и шират дезинформации, најчесто на една иста тема.

Ова особено се однесува на пандемијата со ковид-19, каде постојано, едни исти, лажни профили на Фејсбук, но и исти веб-страници се служеа најчесто со три наративи: или дека ковид-19 не постои (или постои, но е налик на грип), или ширеа теории на заговор дека пандемијата е начин да се стават луѓето под контрола на одредени моќници или дека станува збор за процес на чипирање.

Бран од дезинформации се прошири и кога за граѓаните се јави можноста да се вакцинираат против ковид-19, па тука започнаа да се шират теории на заговор околу наводната небезбедност и токсичност на вакцините.

Професионалните медиуми во Северна Македонија немаат широка лепеза на можности да се борат со дезинформациите и со лажните вести, освен да пласираат точни и проверени информации, а потоа да остават на граѓаните да одлучат кому ќе веруваат. Во Северна Македонија постои Советот за етика во медиумите каде до Комисијата за жалби, граѓаните, но и секоја институција, невладина организација, правно лице, можат да поднесат претставка за одредена содржина пласирана во медиум, за која смета дека е прекршен Кодексот на новинарите.

Од вкупно 109 поднесени жалби во 2021 година, дури 100 се однесувале на текстови објавени на Интернет портали, кои се покажале како најголеми прекршители на Кодексот на новинарите, особено на членот 1, кој предвидува дека новинарот треба да пласира само провери и точни инофмрации.

Фондацијата „Метаморфозис“, преку проектот Вистиномер, како сертифициран потписник на Кодексот на принципи усвоен од Меѓународната мрежа за проверка на факти, има можност да таргетира кога одреден профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ ќе објави лажна информација, или информација на која ѝ недостига контекст и истата да ја означи, па кога корисникот ќе сака да ја отвори и прочита пласираната информација, „Фејсбук“ креира предупредување дека независни „факт-чекери“ оцениле дека таа информација не е точна.

Слободно може да се каже дека професионалните медиуми водат битка со непознат непријател, особено што голем дел од веб-порталите кои шират ваков вид информации се регистрирани во странство, па оттаму не постои можност да се провери нивната сопственичка структура. Токму од овие причини, граѓаните во земјава сè уште се подложни на следење голем број дезинформации и лажни вести, а на тој начин и опаѓа довербата во медиумите, особено што на овие дезинформации „потпаѓаат“ и дел професионални медиуми, па ги пренесуваат како да се вистинити.

XS
SM
MD
LG