Линкови за пристапност

Зеленски бара подолг прекин на огнот во Мариупол откако Русија вети пауза само преку ден


Русија најави дневен прекин на огнот од денес, а кој ќе продолжи повторно утре и в сабота, со цел да осигура повеќе евакуации од комплесот Азовстал
Русија најави дневен прекин на огнот од денес, а кој ќе продолжи повторно утре и в сабота, со цел да осигура повеќе евакуации од комплесот Азовстал

Русија вети дека ќе го почитува прекинот на огнот денес во украинскиот град Мариупол, каде нејзините сили имаат контрола над сè освен на фабриката за челик каде што се наоѓаат украинските војници, заедно со цивили, на чија евакуација работат Обединетите нации.

Русија рече дека нејзиниот дневен прекин на огнот ќе продолжи повторно утре и в сабота, со цел да осигура повеќе евакуации од комплесот Азовстал.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, раноутрово, рече дека е потребен долг прекин на огнот за да се евакуираат преостанатите цивили во Мариупол.

„Ќе биде потребно време едноставно да се извлечат луѓето од тие подруми, од подземните засолништа. Во сегашните услови, не можеме да користиме тешка опрема за расчистување на урнатините. Сето тоа треба да се направи со раце“, рече тој.

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, пак, изрази скептицизам за руската заложба за прекин на огнот.

„Она што постојано го гледавме, а го видовме дури и во последните денови, е тенденција од страна на Руската Федерација да прифати таканречена пауза за да се облече во маската на актер, кој има хуманитарни грижи, за потоа брзо да продолжи со гранатирањето и насилството, вклучително и против цивилите кои се заробени во опколените области, вклучително и во Мариупол“, рече Прајс.

Обединетите нации вчера соопштија дека повеќето од 300 цивили кои се евакуирани од Мариупол, Мангуш, Бердјанск, Токмак и Василивка, добиваат хуманитарна помош во Запорожје.

XS
SM
MD
LG