Линкови за пристапност

Eвакуација во Мариупол, Пелоси се сретна со Зеленски и отпатува за Полска


Украинските власти очекуваат повеќе цивили да можат да се евакуираат од опколениот град Мариупол.

Со преземањето на контролата врз остатокот од Мариупол од страна на руските трупи, стотици цивили и околу 2.000 украински војници се задржани во челичарницата Азовстал. Повеќекратните претходни обиди за евакуација на цивили од локацијата беа неуспешни, бидејќи Украина ја обвини Русија за гранатирање на патиштата за евакуација.

„За прв пат имаше два дена вистински прекин на огнот на оваа територија“, рече Зеленски во пораката од неделата.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук ја нарече ситуацијата во Азовстал „вистинска хуманитарна катастрофа“ со луѓе кои немаат храна, вода и лекови.

Обединетите нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст ја спроведоа евакуацијата во неделата, нарекувајќи ја „операција за безбеден премин“.

Околу 100.000 други украински цивили можеби сè уште се заглавени во Мариупол, лоциран на северниот брег на Азовското Море, по двомесечните бомбардирања,

Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, која заедно со уште шест демократски пратеници во саботата во ненајавена посета на Киев се сретна со Зеленски, додека денес во Полска имаше разговари со претседателот Анджеј Дуда, и вети поддршка за сојузниците од НАТО во нивните напори да ја зајакнат Украина против Русија.

Пелоси изјави за Гласот на Америка дека „Не треба да правиме ништо помалку поради заканата од Русија“. „Тие веќе ја исполнија својата закана. Убија деца и семејства и илјадници други цивили“.

Белата куќа во понеделникот објави дека првата дама Џил Бајден во четврток ќе ја започне работната посета во Романија и Словачка во која ќе бидат вклучени и средби со раселени Украинци.

Пелоси беше највисокиот американски функционер што ја посети Украина од руската инвазија на 24-ти февруари, во која загинаа илјадници борци од двете страни и илјадници други украински цивили.

Говорејќи од Полска по заминувањето од Киев, Пелоси рече дека му ветила на Зеленски: „Ние сме со вас додека не се победи оваа борба“.

Повеќе од 5,5 милиони бегалци ја напуштиле Украина откако Русија ја нападна земјата кон крајот на февруари, според Обединетите нации, а повеќе од 3 милиони од нив заминале во Полска.

Романија го зазеде второто место со повеќе од 800.000

Некои информации се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG