Линкови за пристапност

Советот за безбедност на ОН расправа за убиствата на цивили во Украина


Се очекува Советот за безбедност на ОН да се фокусира на состанокот за убиствата на цивили во Украина, еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден рече дека рускиот лидер Владимир Путин треба да се соочи со Суд за воени злосторства.

Сесијата во ОН, вклучува брифинзи од генералниот секретар Антонио Гутереш и шефот за хуманитарна помош на ОН Мартин Грифитс, како и обраќање на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Британија овој месец претседава со Советот за безбедност, а нејзината амбасадорка во ОН Барбара Вудворд им рече на новинарите дека прашањето за цивилните убиства за време на руската инвазија на Украина ќе биде „во центарот на расправата“.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека разговарал за ова прашање со Гутереш, вклучително и за ситуацијата во Буча, предградие на главниот град на Украина, каде што во последните денови беа откриени наводните злосторства извршени од руски војници.

Москва ги отфрли обвиненијата за убиства на цивили во Буча, а рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги окарактеризира сцените како „ анти-руска провокација“. Рускиот амбасадор во ОН рече дека ќе обезбеди „фактички докази“ на состанокот на Советот за безбедност.

Американскиот претседател Џо Бајден го нарече Путин воен злосторник. „Ќе продолжам да додавам санкции“, рече Бајден.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен преку Твитер пренесе дека Европската унија ќе испрати истражители во Украина за да и помогнат да ги документира воените злосторства.

Стејт департментот соопшти дека Вашингтон, на барање на Украина, ќе поддржи мултинационален тим на обвинители кои ќе собираат докази за наводните злосторства.

Зеленски го посети Буча во понеделникот, изјавувајќи на националната телевизија дека сега е потешко да се преговара за завршување на војната со Русија, бидејќи злосторствата извршени од трупите на Москва стануваат поочигледни.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс рече дека сликите од Буча „сугерираат дека овие злосторства не се чин на непријателски војник. Тие се дел од поширока, вознемирувачка кампања. Одговорните за злосторствата мора да одговараат“. Литванија го протера рускиот амбасадор стациониран во Вилнус и го отповика сопствениот амбасадор од Москва. Во меѓувреме, и Франција и Германија соопштија дека протеруваат руски дипломати од нивните земји.

Ројтерс во понеделникот објави дека Министерството за финансии на САД ја блокирало Русија да ги користи резервите што ги поседува.

XS
SM
MD
LG