Линкови за пристапност

Продолжуваат воените дејствија во Украина, Бајден со нова помош од 500 милиони долари


КИЕВ, Украина (АП) Претседателот на Украина рече дека одбраната на неговата земја од руската инвазија е на „пресвртница“ и повторно ги притисна Соединетите држави за поголема помош, неколку часа откако силите на Кремљ се откажаа од ветувањето дека ќе намалат дел од нивните операции.

Руското бомбардирање на областите околу Киев и северниот град Чернихив и засилените напади на други места во земјата дополнително ги поткопаа надежите за напредок кон ставање крај на крвавиот конфликт кој прерасна во војна. Цивилите заробени во опколените градови ги претрпеа некои од најтешките страдања, иако двете страни во четвртокот рекоа дека ќе се обидат да овозможат евакуација од пристанишниот град Мариупол.

Преговорите меѓу Украина и Русија треба да продолжат во петок преку видео повик, според шефот на украинската делегација, Дејвид Арахамија.

Делегација на украински пратеници го посети Вашингтон во средата за да се заложи за поголема помош од САД, велејќи дека на нивната нација и треба повеќе воена опрема, поголема финансиска помош и построги санкции против Русија.

„Треба да ги исфрлиме руските војници од нашата земја, а за тоа ни треба сето можно оружје“, рече пратеничката на украинскиот парламент Анастасија Радина на прес-конференција во Украинската амбасада. Украинскиот претседател Володимир Зеленски истото директно го побара од американскиот претседател Џо Бајден.

„Ако навистина заедно се бориме за слобода и за одбрана на демократијата, тогаш имаме право да бараме помош во оваа тешка пресвртница. Тенкови, авиони, артилериски системи. Слободата не треба да биде вооружена полошо од тиранијата“, рече Зеленски во неговото видео обраќање до нацијата, кое го одржа стоејќи во мракот пред слабо осветлените претседателски канцеларии во Киев.Тој им се заблагодари на САД за дополнителните 500 милиони долари помош што беше објавена во средата.

Русија во вторникот соопшти дека ќе ги деескалира операциите во близина на Киев и Чернихив за „да ја зголеми меѓусебната доверба и да создаде услови за понатамошни преговори“. Зеленски и Западот беа скептични. Набргу потоа, украинските власти известија дека руското гранатирање погодува домови, продавници, библиотеки и други цивилни локации во близина на тие области.

Британското Министерство за одбрана, исто така, потврди „значителни руски гранатирања и ракетни напади“ околу Чернихив.

Денес, руските сили продолжуваат да ги држат позициите на исток и запад од Киев и покрај повлекувањето на ограничен број единици. Тешки борби најверојатно ќе се водат во предградијата на градот во наредните денови.

Руските трупи, исто така, ги засилија нападите врз регионот на Донбас на исток и околу градот Изум, кој се наоѓа на клучната рута кон Донбас, откако ги прераспоредија единиците од другите области, соопшти украинската страна.

Олександер Ломако, секретар на градскиот совет на Чернигив, рече дека руската објава се покажа како „целосна лага“.

„Вечерта тие не се намалија, туку обратно го зголемија интензитетот на воената акција“, рече Ломако.

Американските разузнавачи дадоа слични оценки дека Путин е дезинформиран од советниците кои се премногу исплашени да дадат искрени оценки.

Пет недели по инвазијата која остави илјадници мртви, бројот на Украинци кои избегаа од земјата надмина неверојатни 4 милиони, од кои половината се деца, според Обединетите нации.

XS
SM
MD
LG