Линкови за пристапност

ЕУ ќе разговара за нови санкции за Русија


Шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел рече дека ЕУ итно ќе продолжи да работи на дополнителни санкции против Русија
Шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел рече дека ЕУ итно ќе продолжи да работи на дополнителни санкции против Русија

Европската Унија соопшти дека ќе разговара за нова рунда санкции кон Русија, по пријавените злосторства во украинските градови кои се окупирани од руските сили.

Шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, во изјава рече дека ЕУ „итно ќе продолжи да работи на дополнителни санкции против Русија“.

Борел рече дека „масакрите во градот Буча и другите украински градови ќе бидат впишани во списокот на злосторства извршени на европско тло“.

Во изјавата на Борел се вели дека ЕУ ќе им понуди помош на украинските обвинители кои прибираат докази за воените злосторства.

ЕУ, исто така, ги поддржува истрагите за злосторствата на Меѓународниот кривичен суд и комесарот за човекови права на Обединетите нации, се вели во соопштението.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен остро го осуди ваквиот потег на Русија вчера, обвинувајќи ја дека извршила воени злосторства во Украина, додека светот имаше можност да ги види мртвите тела на Украинците оставени по улиците на киевското предградие Буча, откако руските војници ја напуштија областа.

Блинкен оваа недела треба да одржи средби во Брисел со министрите за надворешни работи на НАТО, барајќи да ја истакне решеноста на воената алијанса да ја смета Русија одговорна за продолжувањето на борбите во Украина.

Блинкен рече дека САД „тешко ќе ги документираат“ руските воени злосторства низ Украина, иако Украина тврди дека повторно ја презела контролата врз северно-централниот регион околу главниот град.

Московските трупи се повлекоа од територијата на Киев за да се сконцентрираат на нови напади во јужните украински градови долж Црното Море и во спорниот регион Донбас во источна Украина.

Во врска со убиените Украинци, претседателот Володимир Зеленски изјави: „Ова е геноцид“.

Тој рече дека Украина е „уништена и истребена“ од руските сили.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, изјави за Си-Ен-Ен дека „тоа е бруталност кон граѓаните каква што не сме виделе со децении“ во Европа. Одговорност на рускиот претседател Владимир Путин е да стави крај на војната“.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш на Твитер напиша:

„Длабоко сум шокиран од сликите на цивили убиени во Буча, Украина. Од суштинско значење е независната истрага да доведе до ефективна одговорност“.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека ЕУ мора да биде подготвена да воведе повеќе санкции кон Русија како одговор на убиствата на цивили.

Главниот обвинител на Украина вчера изјави дека властите пронашле 410 тела во и околу Киев, за време на истрагата за можни воени злосторства извршени од Русија.

Генералниот обвинител Ирина Венедиктова, сепак, рече дека сведоците ќе мора да бидат сослушани подоцна, бидејќи тие се премногу трауматизирани од она што го виделе за да зборуваат сега, според извештајот на Ројтерс.

Руското Министерство за одбрана тврди дека видео снимките и фотографиите на загинатите се „уште една провокација“ од Западот.

Дел од информациите во текстот се од агенцијата Франс-прес

XS
SM
MD
LG