Линкови за пристапност

Адвокатот на Овсијаникова се’уште не може да стапи во контакт со својата клиентка


Адвокатот што ја застапува вработената во рускиот државен медиум, приведена по нејзиниот антивоен протест на телевизија во живо, вели дека не може да ја најде својата клиентка.

Марина Овсијаникова држеше транспарент за време на преносот во живо на рускиот Канал 1 во понеделникот на кој на руски пишуваше „Не за војна. Запрете ја војната. Не верувајте во пропагандата. Тие ве лажат“.

Овсијаникова беше приведена, но нејзиниот адвокат, Павел Чиков, вели дека повеќе од 12 часа подоцна таа сè уште не е лоцирана.

Тој на социјалните мрежи додаде дека полициската истрага не вклучува „основ за притвор и затвор“.

Овсијаникова може да се соочи со обвиненија според законот со кој се забранува дискредитација на вооружените сили, според руската новинска агенција Тас.

Кремљ во вторникот рече дека дејствијата на Овсијаникова претставуваат „хулиганство“.

Портпаролот на Канцеларијата за човекови права на ОН рече на брифингот во вторникот дека Русија треба да се погрижи Овсијаникова „да не се соочи со какви било одмазди за користењето на нејзиното право на слобода на изразување“.

Овсијаникова во понеделникот неочекувано се појави зад водителката на главната вечерна ТВ-програма на Русија, Времеја, додека водителката седеше на бирото во студиото и разговараше за плановите на Кремљ да ги ублажи ефектите од западните санкции применети кон Русија по нејзината инвазија на Украина.

Овсијаникова извика „Стоп за војната. Не за војната“, додека држеше транспарент.

По неколку секунди, каналот се префрли на друг извештај.

Протестот на Овсијаникова се случи откако Кремљ ги блокираше или затвори независните медиуми и го прогласи за незаконски да се спротивстави на наративот на владата за воената акција на Русија во Украина.


Некои информации за овој извештај се од РСЕ, Асошиејтед прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG