САД, Европската Унија и Г7 државите ќе ги суспендираат нормалните трговски односи со Русија како одговор на руската инвазија на Украина, најави денес американскиот претседател Џо Бајден во услови на растечки двопартиски притисок во Вашингтон.
Укинувањето на трговскиот статус на Русија како „најповластена нација“ им овозможува на САД и нивните сојузниците да започнат процес на зголемување на царините за многу руски стоки за натамошно слабеење на руската економија, која Меѓународниот монетарен фонд предвидува дека ќе западне во „длабока рецесија“ оваа година.
Секоја земја мора да го промени трговскиот статус на Русија во согласност со своите националните процедури, изјавија американските власти.
Во САД, овој потег бара делување на Конгресот, а демократските и републиканските законодавци ја сигнализираа нивната поддршка.
„Ќе ѝ отежне на Русија да има бизнис со САД“, изјави Бајден во обраќање од Белата куќа, додавајќи дека „тоа ќе биде уште еден тежок удар за руската економија. Таа веќе страда од нашите санкции“.
САД и другите сојузници претходно наметнаа низа санкции и извозни и банкарски ограничувања со цел да извршат притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да стави крај на својата војна против Украина, најголема во Европа по Втората светска војна.
Денес, украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеообраќање, без објаснување, рече дека неговата војска достигнала „стратешка пресвртница“.
„Невозможно е да се каже уште колку дена ќе ни требаат да ја ослободиме нашата земја, но можно е да се каже дека ќе го направиме тоа затоа што постигнавме стратешки пресвртна точка“, рече Зеленски.
Еден ден откако Вашингтон ја предупреди Москва за она, што некои набљудувачи го опишуваат како воени злосторства од страна на руските сили во Украина, американската потпретседателка Камала Харис за време на посетата на Романија рече дека Путин не покажува волја да продолжи со дипломатско решение на конфликтот.
Путин денес го оспори тврдењето на Харис, велејќи, без да понуди детали, дека има позитивен развој на настаните во разговорите со Украина, и дека преговорите „сега се одржуваат на речиси дневна основа“.