Линкови за пристапност

Солидарни сме со вас, им порача Џил Бајден на жените во Украина по повод 8 Март


Првата дама на САД ги поздарви и жените во Русија кои протестираат и зборуваат против инвазијата под голем личен ризик
Првата дама на САД ги поздарви и жените во Русија кои протестираат и зборуваат против инвазијата под голем личен ризик

До нашите сестри од Украина кои се борат да ја одржат својата земја слободна и нивните семејства во живот - стоиме со вас во солидарност, рече денес првата дама на САД Џил Бајден по повод Меѓународниот ден на жената.

Таа ги спомена сите жени зафатени во конфликтот меѓу Русија и Украина, упатувајќи порака и до жените во Русија.

„До нашите сестри во Русија кои протестираат и зборуваат против инвазијата под голем личен ризик - ја гледаме вашата храброст“, додаде Бајден.

Меѓународниот ден на жената, кој се одбележува секоја година на 8-ми март, е глобален ден за славење на жените, но многумина кои бегаат од Украина го чувствуваат само стресот да најдат нов живот за своите деца додека сопрузите, браќата и татковците остануваат зад себе за да ја бранат својата земја од руската инвазија.

Како што пренесува Асошиетед прес, украинските жени бегалци се наоѓаат во „некаков ужасен сон“.

Бројот на бегалците кои избегаа од Украина достигна два милиона заклучно со денес. Според Обединетите нации, ова е најбрзиот егзодус што Европа го видела од Втората светска војна.

Еден милион од нив се деца, напиша портпаролот на УНИЦЕФ Џејмс Елдер на Твитер.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше за Меѓународниот ден на жената во видеообраќање:

„Украинци, ние обично го славиме овој празник, празникот на пролетта. Им честитаме на нашите жени, нашите ќерки, сопруги, мајки. Обично. Но, не денес. Денес не можам да ги кажам традиционалните зборови. Едноставно не можам да честитам. Не можам, кога има толку многу смртни случаи. Кога има толку многу тага, кога има толку многу страдања. Кога војната продолжува“, рече Зеленски.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес

XS
SM
MD
LG