Линкови за пристапност

Зоја Апостолоска-Украинка од Киев: Украина е обединета и нема да се предаде


Глас на Америка: Каде се наоѓате во моментот? Каква е ситуацијата во Украина?

Зоја Апостолоска: Јас моментално се наоѓам во централна Украина, каде што живеат моите родители. Но, моите роднини останаа во Киев. Некои пак се блиску до Киев и се во голема опасност и затоа сите ние многу стравуваме за нив. Не знам што велат на вести, но не е безбедно, бидејќи ние слушаме авиони кои што летаат и предупредувања низ сите градови, дека треба да трчаат луѓето и да се кријат во подруми.

Глас на Америка: Каде се засолнуваат луѓето?

Зоја Апостолоска: Едната тетка е без вода и без струја. Другите кои се во Киев исто така седат во подрум. Имам многу пријатели и во Харков, кои исто така се под голема опасност. Таму нон стоп бомбардираат, има стрелба, седат луѓето во подруми. Сите имаат мали деца. Можеби ќе почнат и тие да имаат проблеми со вода и храна. Има исто така деца со температура, а немаат лекови. Една од моите пријателки, бидејќи имаме група од колешки со кои што заедно учевме на универзитетот во Харков, на 24-ти февруари беше кај баба и во Чугуев, град близу Харков, кој го бомбардираа Русите. И, кога паднала бомба на шест метри близу зградата иако преживеале, пола стан им е разрушен и избегаа од таму.

Глас на Америка: Дали има многу бегалци, луѓе кои што бегаат од своите домови, од своите градови?

Зоја Апостолоска: Има многу луѓе кои што бегаат во западна Украина. Има многу луѓе кои бегаат во Полска, Романија, каде што можат да влезат. Се обидуваат да побегнат од поголемите градови како Киев, Харков, кои се под голема опасност. Кај нас близу е градот Николаев и Херсон, каде веќе неколку дена има стрелби. Од таму доаѓаат луѓето кај нас во градот. Собираме храна за нив. Донираме за иселениците и војниците.

Глас на Америка: Очекувавте ли дека ќе дојде до вакво нешто?

Зоја Апостолоска: До крај не очекувавме. До моментот утрово кога слушнав како паѓаат бомби во Киев, не очекував дека тоа може да се случи. Никој не очекуваше. До крај не верувавме дека такво нешто може да се случи во 21-ви век од страна на држава, која се декларира како победник над фашизмот. Уште не може да поверуваме дека тоа ни се случи.

Глас на Америка: Дали сликата од првиот напад на Киев никогаш неможе да ја заборавите?

Зоја Апостолоска: Во пет часот наутро скокнавме, бидејќи ни се тресеа прозорите. Многу беше страшно. Фала му на бога што јас успеав од таму да заминам кај моите деца и сега сме моментално на безбедно, но моите пријатели не се безбедни.

Глас на Америка: Очекувате ли резултатите од преговорите помеѓу Украина и Русија?

Зоја Апостолоска: Многу се надевам дека некако ќе се реши ова, затоа што гинат мирни и невини луѓе. Знам дека Украина е многу обединета, народот е многу против и нема да се предаде.

Глас на Америка: Дали после оваа војна, сметате ли дека работите повторно ќе бидат исти, или ништо повеќе нема да е исто како порано?

Зоја Апостолоска: Никогаш повеќе нема да е исто. Секогаш ќе има голема омраза и голема болка. Колку и да имавме проблеми претходно, до крај мислевме дека нема да се осмелат и да направат вакво нешто.

XS
SM
MD
LG