Линкови за пристапност

Русија и Украина се договорија за коридор за евакуација на цивилно население во некои области


Евакуацијата се одвива во источниот град Суми, каде неколку часа претходно при руски воздушен напад на станбена улица загинаа најмалку 21 цивили, според локалните власти.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека дополнителни коридори за евакуација ќе бидат отворени во Чернихив, Харков и Мариупол.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја обвини Русија дека држи 300.000 луѓе во „заложници во Мариупол“ и дека спречува хуманитарна евакуација.

Агенцијата за бегалци на ОН денеска соопшти дека повеќе од 2 милиони луѓе ја напуштиле Украина откако Русија ја започна својата инвазија на 24 февруари. Повеќе од половина заминале во Полска.

Високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди рече дека немало таков егзодус во Европа од Втората светска војна.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен ја повика Русија да дозволи хуманитарен пристап за цивилите во Украина и рече дека сојузниците на Украина ќе направат „се што можеме“ за да обезбедат Украинците да го имаат она што им е потребно за да се одбранат.

Блинкен денеска заминува за Париз на разговори со францускиот претседател Емануел Макрон, кој последните денови разговараше и со Путин и со Зеленски. Белата куќа соопшти дека претседателот Џо Бајден остварил видео-повик со лидерите на Франција, Германија и Велика Британија за да разговараат за ситуацијата во Украина. „Лидерите ја потврдија својата решеност да продолжат да ги зголемуваат трошоците за Русија за нејзината неиспровоцирана и неоправдана инвазија на Украина“, според Белата куќа.

Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки рече дека лидерите разговарале за можноста за воведување забрана за увоз на нафта од Русија.

Украинскиот шеф на дипломатијата Кулеба и рускиот министер за надворешни работи Лавров треба да се сретнат в четврток во Турција.

Кулеба рече дека ќе предложи директна средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.

XS
SM
MD
LG