Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес изјави дека руските сили „сè почесто користат брутални методи во Украина, вклучително и напад врз цивилното население“.
Неговите коментари уследија по рускиот напад врз украинската нуклеарна централа, најголемиот објект од ваков вид во Европа, што предизвика пожар во зграда во комплексот на централата.
Зборувајќи за новинарите пред состанокот со неговите колеги од Европската Унија во Брисел, Блинкен рече:
„Соочени сме заедно со она војна по избор на (рускиот) претседател (Владимир) Путин: неиспровоцирана, неоправдана и војна која има ужасни, ужасни последици“, рече Блинкен.
Тој изјави дека „посветени сме да направиме се` што можеме за да го запреме“, додаде тој, но ја отфрли можноста за воведување забранета зона за летање над Украина, велејќи дека таквата акција може да доведе до поширок конфликт.
„Ние имаме одговорност да осигураме војната да не се прелее подалеку од Украина. Забранета зона за летови може да доведе до целосна војна во Европа“, рече тој.
Состанокот во Брисел се случи откако Украина ја обвини Русија за „нуклеарен терор“ со гранатирање и подметнување пожар во нуклеарната централа Запорожје пред да ја преземе контролата над неа.
Украинскиот нуклеарен инспекторат соопшти дека нема истекување на радијација во централата и дека персоналот продолжува безбедно да работи со постројката.
Пожарникарите успеаја да го стават пожарот под контрола, соопштија украинските власти.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков ја обвини украинската „деструктивна група“ за нападот, за која рече дека ја окупирала зградата, ја нападнала руска патрола и ја запалила зградата на заминување. Тој не понуди никаков доказ, а ниту една друга земја не го сфати сериозно тврдењето.
Советот за безбедност на Обединетите нации денес одржа итен состанок за да разговара за нападот на барање на Обединетото Кралство, Франција, Ирска, Норвешка и Албанија.
„Светот за влакно избегна нуклеарна катастрофа синоќа“, рече американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд за време на состанокот, и додаде: „Штотуку бевме сведоци на опасна нова ескалација што претставува страшна закана за цела Европа и светот“.
Дел од информациите се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес