Запрете го убивањето невини луѓе, запрете го страдањето, тргнете ги рацете од Украина, затворете го украинското небо за воени авиони. Тоа беа дел од пораките што Украинци што живеат и што моментално се во земјава ги упатија денеска на протест во Скопје.
„Син ми е со внукот од пет месеци во Миколаев. Замислете како ми е на мене сега. Таму е ужасно и страшно сега“, вели Албина Јунуз, која од Киев пристигнала во Скопје и се приклучи на денешниот протест.
Украинската амбасадорката Наталија Задорожњук, во изјава за Гласот на Америка, се заблагодари на поддршката што македонските власти и граѓани ги изразуваат за нејзината земја.
„Благодарам и на сите обични луѓе во вашата земја. Ние гледаме дека вие сте со нас. Ви благодарам многу“, рече Задорожњук, која се заблагодари и за вклученоста и на македонскиот бизнис сектор во испраќањето помош за Украина.
Бараме поголеми и побрзи санкции кон Русија, за да биде што помала цената што сега ја плаќаат Украинците. Бараме да се затвори и небото над Украина. Тоа е многу битно.Наталија Задорожњук, Амбасадорка на Украина во С.Македонија
Амбасадорката Задорожњук побара светот да најде начин да го затвори небото над Украина и да им помогне на нејзините сограѓани.
„И сега, додека зборуваме со вас, се гранатираат нашите мирни градови и села. Ги гранатираат нашите коридори. Но, веќе бараме поголеми и побрзи санкции, за да биде што помала цената што сега ја плаќаат Украинците. Бараме да се затвори и небото над Украина. Тоа е многу битно. На земја ние се бориме храбро, но битно ни е да се затвори небото над Украина“, повика амбасадорката.
На протестот учесниците држеа фотографии од разурнувањата што се случуваат во украинските градови, како последица од инвазијата од Русија. Состојбата таму, е исклучително загрижувачка.
„Веќе нема храна ниту за пари да се купи. Се надеваме дека овие хуманитарни конвои што одат за Украина, нема да се само на западот од земјата, туку ќе одат и малку повнатре, каде луѓето многу трпат. Немаат ниту храна, ниту вода. Се надеваме дека ова ќе стигне таму каде што треба“, додава Украинката Јунуз.
Протестот го организира украинското здружение во земјава, „Лесја Украинка“. На плоштадот во Скопје беше поставен и привремен пункт за хуманитарна помош за Украина.
„Луѓето носат разни работи. Ќебиња, облека, храна, пелени. Сè носат“, вели Татјана Урбанович од „Лесја Украинка“.
Се очекува во првите денови од идната недела да тргне и првиот камион хуманитарна помош од донации што ги оставиле македонските граѓани. До сега неколку камиони доставија помош во храна, вода и облека, кои беа донации од домашни компании.
Во Украина, како што пренесуваат тамошни жители, снабдувањето со храна и основни намирници станува сè потешко. Расте и бројот на лица што ја напуштиле земјата. За десетина дена, додека трае инвазијата, од Украина заминале повеќе од милион и двесте илјади лица.
Facebook Forum