Линкови за пристапност

САД привремено ја селат амбасадата од Киев во Лавов


Стејт департментот соопшти дека Лавов нуди поголема заштита ако руските трупи ја нападнат Украина
Стејт департментот соопшти дека Лавов нуди поголема заштита ако руските трупи ја нападнат Украина

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен рече дека САД привремено ја преместуваат амбасадата во Лавов, во близина на границата со Полска. Стејт департментот соопшти дека Лавов нуди поголема заштита ако руските трупи ја нападнат Украина.

Секретарот за национална безбедност на САД Џејк Саливан во неделата рече дека САД не можат да предвидат дали Русија би можела да изврши инвазија во текот на неделата или по Зимската олимпијада во Пекинг, но, оти е можна голема воена акција.

Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера рече дека западните држави „се подготвени за сериозен дијалог со Русија за европските безбедносни прашања“, но, оти бараат рускиот претседател Владимир Путин да ја деескалира неговата закана за инвазија на Украина.

Шолц му понуди нова можност на Кремљ по разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, и покрај предупредувањата на САД и нивните сојузници дека Путин би можел да изврши голем напад на Украина во секое време со воздушен напад проследен со копнена инвазија.

Претходно рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров му сугерираше на Путин да продолжи да разговара со САД и НАТО државите, и покрај тоа што Западот го отфрли главното барање на Путин да се исклучи можно членство на Украина во НАТО Алијансата.

Запрашан од Путин дали има смисла да се продолжи со дипломатија со западните лидери, Лавров одговори дека раговорите „се далеку од исцрпени“ и предложи нивно продолжување.

Лавров рече дека дискусиите „не можат да се одвиваат бескрајно, но, ќе предложам да се продолжат во оваа фаза“.

Претседателот на САД Џо Бајден за време на вчерашниот телефонски разговор со украинскиот лидер Зеленски ја повторил заложбата на САД за украинските суверенитет и територијален интегритет.

Белата куќа рече дека Бајден и Зеленски „се договорија за важноста од продолжување на диполматијата и одвраќањето“ на московската инвазија.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG