Американскиот државен секретар Антони Блинкен подвлече дека преферира дипломатско решение за украинската криза на нејзината граница со Русија.
Зборувајќи пред новинарите во Мелбурн, заедно со колегите од Австралија, Индија и Јапонија, Блинкен се осврна за стратегијата на САД за справување со Русија.
„Ги правиме сите можни напори да ја ангажираме Русија, да ја разгледаме нејзината загриженоста, да ја споделиме загриженоста што ја имаме со европските партнери и сојузници, и да најдеме начини за унапредување на колективната безбедност врз реципрочна основа“, рече Блинкен.
Одговарајќи на новинарско прашање, Блинкен, ги истакна последиците со кои може да се соочи Русија, ако ја нападне Украина.
„Тие вклучуваат економски, финансиски санкции. Контрола на извозот. Ние сме посветени на продолжување на градењето на одбранбениот капацитет на Украина, како и јакнување на одбраната на НАТО доколку Русија ја обнови агресијата“, рече Блинкен.
Русија останува на ставот дека нема планови за инвазија врз Украина, но масовното распоредување на руски воени сили во близина на границата со Украина предизвикува голема загриженост за САД и нивните сојузници во НАТО.
Русија силно се противи на можноста Украина и другите поранешни советски републики да станат членки на НАТО.
Исто така, Москва сака НАТО да се воздржи од инсталирање одбранбени капацитети во тие земји и да ги повлече силите од Источна Европа.
САД и НАТО категорично ги отфрлија таквите барања.