Македонските здруженија во Бугарија кои се борат за правата на македонското малцинство се задоволни од неодамнешната средба со претседателот Стево Пендаровски. Велат дека истата имала за цел да го запознаат претседателот со проблемите со кои тие се соочуваат.
„Не беше тоа средба на која што нешто требаше да се договара. Таму присуствуваа една партија и четири организации, кои имаат огромни проблеми со нивна регистрација. Нивните членови се малтретирани, викани во полиција, некои од нив бркани од работа“, вели Стојко Стојков од ОМО „Илинден Пирин“
Судот за човекови права во Стразбур, има донесено 14 пресуди против Бугарија поради прекршување на правото на регистрација на македонските организации.
„Има засилен мониторинг над Бугарија во Комитетот на министри, поради таа причина. И од година в година притисокот се засилува исклучително многу. Просторот за маневрирање на бугарската Влада е целосно изгубен и таа скоро е поставена пред ултиматум, или да почне да ги регистрира македонските организации, или веќе треба да се применат некои казнени мерки кон неа“, вели Стојков.
Но, тој не е оптимист дека и Северна Македонија ќе се заложи за признавање на македонското малцинство во Бугарија.
„Затоа што ценам по тоа што правеле досега. Кога го поставиле македонските власти пред Бугарија прашањето за правата на македонското малцинство во последните 35 години? Одговорот е никогаш. Не мислам дека сега кога македонската Влада реално е силно притисната од Бугарија преку ветото за почеток на преговорите за влегување во ЕУ, дека баш сега ќе пројави таква голема храброст за своите сонародници во друга земја да го ризикуваат почетокот на преговорите за влегување во ЕУ“, вели тој.
Стојков смета дека македонско-бугарскиот спор нема во целост да биде решен ако нема реципроцитет во признавањето на малцинствата.
„Во иднина ние ќе продолжиме да постоиме. Ќе продолжиме да делуваме. Реално Македонија, не може да направи ништо за да не` натера да запреме. Не зависиме од неа во тоа. Бугарија ќе продолжи да тврди дека тоа што ние постоиме и дејствуваме е продукт на агресија од страна на Македонија во внатрешните работи на Бугарија, и тоа ќе биде постојана причина за влошување на односите. Единствен правилен начин е да се излечи оваа рана во бугарската политичка елита. Да се признае македонското малцинство кое веќе еднаш било признаено, да му се дадат правата според Рамковната конвенција и на таа основа ќе исчезнат секакви причини за спротивставување. И двете малцинства ќе можат да станат мост за зближување, а не причина за кавга. Дури и ако не е на исто ниво на права и признавање, треба да има минимум за секое од тие малцинства, официјално признавање и давање на правата според Рамковната конвенција за национални малцинства. Ако некоја земја сака да даде повеќе од тоа, како вклучување во Устав, тоа е нејзина работа“, рече Стојков.
А дали гледа позитивна атмосфера во Бугарија по доаѓањето на Кирил Петков за премиер, Стојков рече:
„Единствено позитивно во таа атмосфера е во барањето начин како да се деблокира Македонија, без да се изнервира бугарската јавност. Затоа што Бугарија е под огромен притисок од Европа и нема каде да отиде. Ќе мора да ја деблокира Македонија. И тоа се однесува само за прашањето на евроинтеграциите на Македонија, но, ни во најмала рака не се однесува на положбата на македонското малцинство. Слушнавте што кажа премиерот, дека такво малцинство нема и за такво нешто никогаш не може и нема да се разговара. Од тоа појасен сигнал за двоен аршин не може да има“.
Стојков вели дека немаат точни податоци колку точно Македонци живеат во Бугарија, бидејќи од 1956 година немало слободна можност за изјаснување како Македонец. Според него бројката на македонско малцинство се движи помеѓу од 1.600 и 187.000.
Бугарскиот премиер Кирил Петков неодамна рече дека темите за македонското малцинство се апсолутно недопустливи.