Линкови за пристапност

Поддршка на Обединетото Кралство за македонско-бугарскиот дијалог


Процесот на евроинтеграции, ситуацијата со дијалогот со Бугарија, безбедноста и стабилноста на регионот. Ова биле прашањата за кои се интересирал специјалниот прaтеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан на средбите со државно-владиниот врв. Дводневната посета на Скопје на Стјуарт Пич, кој во декември ја презеде функцијата, стартуваше со состанок со шефот на државата.

„Беа разменети мислења и информации за актуелните состојби во земјава и регионот, како и можностите за соработка со Обединетото Кралство за темите од заеднички интерес, поврзани со стабилноста и безбедноста... На средбата се разговараше и за прашањата поврзани со членството на Северна Македонија во ЕУ и тековниот дијалог со Бугарија. Претседателот го информираше сер Стујарт Пич за напредокот на дијалогот помеѓу двете земји. Претседателот се заблагодари за интересот и поддршката на Обединетото Кралство за македонско-бугарскиот дијалог и подвлече дека надминувањето на блокадата за почеток на пристапните преговори со Европската Унија ќе внесе дополнителна предвидливост и стабилност на Западниот Балкан“, пишува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

Високиот британски претставник во чија агенда не се предвидени изјави за медиуми на состанокот со новиот премиер ја потврдил поддршката на неговата земја на стабилноста и безбедноста на регионот.

„Специјалниот пратеник ја пренесе силната посветеност на Лондон за евроатлантската интеграција на Западен Балкан, како и на поддршката на неговата земја за промовирање силни, стабилни демократски институции и отворени општества. На средбата премиерот го истакна како особено значаен придонесот на Обединетото Кралство во поддршката на Северна Македонија и на Западен Балкан во унапредувањето на условите за безбедност, стабилност и просперитет во земјата и во регионот“, соопштуваат од кабинетот на премиерот.

Пич, кој има воен бекграунд - бил и шеф на Генералштабот на британската армија, на средбите се фокусирал на прашањето на регионалната безбедност имајќи ја предвид ситуацијата во Босна и Херцеговина, односите меѓу Србија и Косово, но и влијанието на тензиите меѓу НАТО и Русија поради тензиите на украинско-руската граница.

За ова прашање денеска разговарале шефот на дипломатијата и рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин. Османи повикал на деескалација на состојбата, изнаоѓање решение преку дијалог и го повторил ставот дека Северна Македонија го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во меѓународно признатите граници.

Претседателот Пендаровски за утре го свика Советот за безбедност на кој, како што се најавува, ќе се разгледува актуелната политичка и безбедносна состојба во регионот и пошироко.

XS
SM
MD
LG