Линкови за пристапност

Северна Македонија – Бугарија: Прва средба меѓу Димитар Ковачевски и Кирил Петков


Со прегратка, двајцата нови премиери, од кои едниот тукушто ја презеде позиција, го почнаа денот кој се смета за можна пресвртница во македонско-бугарските односи обременети со условувањата од Софија.

Првата средба меѓу Кирил Петков и Димитар Ковачевски што се одржа во Скопје донесе решение за едно од отворените 5+1 прашање.

„Се договоривме дека Бугарија прифаќа да го користи краткото име Северна Македонија подеднакво како и долгото име. Тоа значи дека Бугарија нема да ја кочи употребата на краткото име и за тоа ги извести ОН. Истовремено, и нашето МНР испрати нота до ОН за употреба на нашето кратко во која информира дека двете имања се подеднакво валидни и се отфрла каква било импликација врз територијалниот интегритет на Бугарија.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.

Двајцата премиери изјавија дека Бугарија и Северна Македонија влегуваат во засилена динамика на решавање и на останатите прашања. Оптимизам има и кај Ковачевски и кај Петков кои за идниот вторник договорија заедничка владина седница во Софија.

„Она што денеска го постигнавме како напредок е во заедничката работа и во точниот календар за наредните месеци – оттука натаму тоа ќе биде новиот конструктивен дијалог, ќе се фокусираме на сите нешта кои се заеднички и кои претставуваат можност за збогатување на нашите односи и со тоа работните групи самите ќе се фокусираат на специфичните прашања кои треба заедно да ги решиме. Оптимист сум за заедничките дејства и верувам дека резултатите ќе доаѓаат на неделна база.“, истакна Кирил Петков, премиер на Бугарија.

Македонскиот премиер не даде јасен одговор на прашањето дали тој и неговата влада би се согласиле со барањето на Софија преговорите за членство со ЕУ да се водат на „официјалниот јазик“ без јасно именување на македонскиот јазик.

„Ние сме држава призната од Бугарија, а според уставното уредување го има македонскиот јазик. Имаме потпишано договори со Бугарија со кои се регулира начинот на кои се потпишани согласно „официјалните јазици на двете земји. Нашиот јазик е македонски јазик е дел од Повелбата на ОН, како и во други мултилатерални организации.“, Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.

Дали за новата влада во Софија се прифатливи одговорите што Северна Македонија ги прати на бугарските на 5+1 прашање?

„Ќе се фокусираме на нештата кои не зближуваат, а за останатите прашања кои се уште се отворени ќе оставиме подолг рок тоа да се оствари. Важно е да работиме, да се среќаваме, да бидеме во постојана комуникација.“, истакна Кирил Петков, премиер на Бугарија.

Прес-конференцијата заврши со подарок за Ковачевски – една од присутните бугарски новинарки му подари јаболко во знак, на како што рече, доверба дека ќе го зачува единството меѓу двете земји.

Имаше и своевиден подарок за бугарскиот премиер кого на влез во Скопје го пречекаа неколку транспаренти кои ги истакнааа активисти на „Левица“.

XS
SM
MD
LG