Линкови за пристапност

Чистката во Турција продолжува


Притворени војници кои наводно биле поврзани со групата која се обиде да изврши државен удар

Турските сили притворија 11 војници кои се осомничени дека во средината на јули учествувале во нападот на хотелот каде престојувал Реџеп Таип Ердоган, во обид да извршат државен удар.

Апсењата се случиле во близина на Мармарис, и следат по приведувањата на неколку други осомничени војници кои за цел го имале Ердоган. Претседателот на земјата на 15 јули беше на одмор во Мармарис, кога и се случи обидот за смена на власта, и според наводите тој го напуштил хотелот кратко пред да биде извршен нападот.

Ова се последни од серијата остри мерки против оние кои наводно имале улога во обидот за извршување пуч во земјата.

Во неделата, Владата отпушти околу 1.400 припадници на одбраната, вклучувајќи и висок советник на Ердоган. Истовремено претседателот ги доведе воените сили под цивилна контрола.

Повеќе од 50.000 лица ги загубија работните места, и повеќе од 18.000 лица се притворени во врска со обидот за државен удар, за кој Владата го обвинува муслиманскиот свештеник Фетулах Гулен.

Фетулах Гулен
Фетулах Гулен

Гулен е противник на Ердоган и речиси 20 години живее во САД. Тој отфрла секаква вмешаност во пучот. Турција бара екстрадиција на 75 годишниот Гулен и испрати документи во САД за негова наводна вмешаност во неуспешниот обид за државен удар.

Командантот на Здружениот штаб на вооружените сили на САД, генерал Џозеф Дунфорд денеска е во посета на Турција, како дел од оценувањето за текот на борбата против Исламската држава. Коалицијата предводена од САД во нападите против милитантите веќе една година ја користи базата Инџирлик, по добивањето на дозвола од Ердоган.

Генерал Џозеф Дунфорд
Генерал Џозеф Дунфорд

Турската влада исто така го прозва вршителот на должноста германски амбасадор во земјата, по одлуката на германски суд да не` дозволи видео обраќање на Ердоган на собир во Келн, на кој присуствуваа илјадници негови поддржувачи. Портпаролот на Ердоган одлуката ја нарече нарушување на правото на слободно изразување.

XS
SM
MD
LG