„Ви благодарам што ми дозволивте да се обратам, за жал македонскиот јазик го разбирам, но не го зборувам, па ќе продолжам на хрватски јазик.“
По куртоазниот гест кон земјата-домаќин, првиот човек на Саборот на Хрватска, држава од соседството која е силен поддржувач на македонските евроинтеграции, на својот мајчин јазик го продолжи обраќањето во Собранието и пред пратениците испорача две клучни пораки – првата беше поврзана токму со пристапувањето кон ЕУ, процес кој повеќе од една година тапка во место поради незавршените уставни измени. „Не е коректно кон вас зашто преговарачките поглавја се уште не се отворени“, изјави Гордан Јандроковиќ, и користејќи го хрватското искуство повика на истрајност.
Го разбираме нетрпението на вашите граѓаниЈандроковиќ, спикер на хрватскиот Парламент
„Се надеваме дека нашето партнерство во НАТО ќе биде надградено со вашето членство во ЕУ. Нам, во Хрватска, ни е важно што одлуката за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија беше донесена за време на нашето претседавање со Унијата во март 2020 година. Но, за жал и по 5 години вашите преговори се уште не се формално отворени. Тоа не е коректно. Имајќи го тоа предвид, го разбираме нетрпението на вашите граѓани. Хрватска високо ги цени вашите постигнувања и смета дека заслуживте многу поголем напредок и ќе ве поддржи на европскиот пат. И ние поминавме многу напорен пат до членството, и врз основа на нашето искуство, ви велиме дека треба да истраете“, рече Јандроковиќ.
Вториот сет пораки се однесуваа на Украина и очигледниот јаз меѓу САД и европските сојузници за прашањето како да се дојде до мир. Според настапот на Јандроковиќ, Хрватска нема дилема дека решението треба да се бара низ еден од основните принципи на меѓународното право - почитување на утврдениот територијален интегритет и суверенитет на една држава.
„Овие денови и над ЕУ и над НАТО се надвиснуваат сиви облаци – можеби најголемата пресвртница од формирањето на овие две организации. Не знаеме каква ќе биде нивната иднина. Затоа е важно да се вложува многу за остварување траен светски мир. Во последните месеци сведоци сме дека на двете страни на Атлантикот постојат различни визии за тоа како треба да изгледа еден мир, а времето ќе покаже во која мерка ќе се успее да се воспостави заедничка визија за тој мир. Нам ни е важно тој мир да биде одржлив и праведен, а не неизвесна иднина. Хрватска сега ќе беше многу поразлична земја ако за време на Татковинската војна прифаќаше некакви ултиматуми или мировни решенија изготвени без наша согласност. Тоа е нешто што може долгорочно да влијае, не може да се зборува за мир во Украина без учество на Украинците зашто тоа ја доведува во прашање нивната сувереност и територијален интегритет. Тоа би бил сериозен удар врз меѓународното право и врз светот кој се гради од Втората светска војна наваму, не може да се размрда тој поредок зашто тоа ќе предизвика невиден преседан и нестабилност. Почитување на меѓународното право, почитување на територијалниот интегритет и суверенитет – тоа е во сржта на меѓународните односи“, вели Јандроковиќ.
Еден час по обраќањето на Јандроковиќ, шефот на дипломатијата Муцунски, на дебата за евроатлантската безбедност рече дека Северна Македонија е за постигнување траен мир, без да навлезе во детали како тоа да се направи, за разлика од претседателот на хрватскиот Сабор.
„На 24 февруари се одбележаа 3 години од почетокот на руската агресија врз Украина која донесе стотици илјади жртви принуди милиони да избегаат. Последиците не се само регионални, туку глобални. Нашата држава дава целосна поддршка на напорите на меѓународната дипломатија за постигнување праведен и траен мир“, рече Муцунски.
Денеска во Брисел се одржа специјална седница на Европскиот совет посветена на Украина и новонастаната ситуација во која клучниот сојузник во изминатите 3 години – САД сега заземаат поинаква позиција кон војната. Унијата, кон која се стреми Северна Македонија, пак, изгради различен став.
„Володимир, ти благодарам што денеска си тука, ова е многу важен момент за да покажеме дека остануваме покрај Украина до кога тоа и да биде потребно“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.