Блинкен ги повика лидерите на Блискиот Исток да извршат притисок врз Хамас за прекин на огнот во Газа

  • VOA

Блинкен рече дека Хамас е единствениот што не го прифаќа трифазниот договор, предлог на кој Израел веќе се согласил

Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен денес ги повика лидерите на Блискиот Исток да извршат притисок врз Хамас да се согласи со предлогот за прекин на огнот за запирање на борбите во Газа.

Во меѓувреме, Советот за безбедност на Обединетите нации закажа гласање за в понеделник попладне за американска нацрт-резолуција која го поддржува предлогот за целосен и итен прекин на огнот, заедно со ослободување на заложниците.

Блинкен рече дека Хамас е единствениот што не го прифаќа трифазниот договор, предлог на кој Израел веќе се согласил.

„Најдобар начин да се осигура дека нема уште една цивилна жртва е договорот за прекин на огнот да продолжи, Хамас да го прифати“, им рече Блинкен на новинарите во Каиро.

„Нашите египетски колеги беа во комуникација со Хамас уште пред неколку часа“, рече Блинкен.

„Мислам дека Египет, САД, другите земји веруваат дека, повторно, треба да можеме да дојдеме до „да““.

Блинкен се врати на Блискиот Исток денес, негова осма дипломатска мисија во регионот од почетокот на воениот конфликт во Газа минатиот октомври.

Денес, Блинкен разговараше со египетскиот претседател Ал-Сиси во Каиро пред да замине за Израел за да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант.

Највисокиот американски дипломат ќе оди и во Катар и во Јордан, каде што ќе присуствува на конференција фокусирана на хуманитарна помош за Газа.

„Секретарот Блинкен и претседателот ал-Сиси ги продолжија дискусиите за плановите за постконфликтно управување, безбедност и реконструкција во Газа, што ќе го унапреди предлогот за прекин на огнот. Тие, исто така, разговараа за важноста од повторно отворање на граничниот премин Рафа и потребата да се заштитат палестинските цивили и хуманитарните работници“, соопшти Стејт департментот.

Американските власти рекоа дека Израел ќе го прифати предлогот за прекин на огнот, кој повикува на првично прекинување на борбите, ослободување на некои заложници од Газа, ослободување на палестинските затвореници кои ги држи Израел, зголемена хуманитарна помош за Палестинците, повлекување на израелски трупи од населените области на Газа и враќање на палестинските цивили во нивните домови и населби.

Хамас не го прифати ниту го отфрли планот, кој американскиот претседател Џо Бајден јавно го објасни пред повеќе од една недела.

Нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН се обидува да додаде притисок врз Хамас, а истовремено ги повикува Хамас и Израел целосно да го спроведат договорот за прекин на огнот „без одлагање и без услов“, се вели во текстот што го виде Гласот на Америка.

„Израел го прифати овој предлог, а Советот за безбедност има можност да зборува со еден глас и да го повика Хамас да го стори истото“, се вели во соопштението на мисијата на САД во Обединетите нации доцна во неделата.

„Тоа ќе помогне да се спасат животи и да се стави крај на страдањата на цивилите во Газа, како и на заложниците и нивните семејства. Членовите на Советот не треба да дозволат оваа можност да помине и мора да зборуваат со еден глас за поддршка на овој договор“.

Гласањето за резолуцијата е закажано во 15 часот локално време денес.

Втората фаза од предложениот договор за прекин на огнот предвидува траен прекин на непријателствата, целосно повлекување на израелските трупи и враќање на сите преостанати заложници.

Последната фаза вклучува повеќегодишни напори за реконструкција на појасот Газа, од кој голем дел е уништен од осуммесечно израелско бомбардирање.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес