Веруваме дека е можен договор за прекин на огнот во Газа, рече Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, на патувањето низ Блискиот Исток, рече дека Вашингтон го разгледува одговорот на Хамас и дека за тоа ќе разговара со израелските власти кога ќе ја посети земјата в среда

Палестинската милитантна група Хамас денес соопшти дека го дала својот одговор на предложениот договор за прекин на огнот за Газа, кој исто така ќе вклучи ослободување на заложниците, а САД рекоа дека сè уште веруваат оти е можен договор.

Не беа веднаш достапни детали за одговорот.

Кабинетот на израелскиот премиер соопшти дека деталите за одговорот на Хамас се „темелно оценети од официјалните лица вклучени во преговорите“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, на патувањето низ Блискиот Исток, рече дека Вашингтон го разгледува одговорот на Хамас и дека за тоа ќе разговара со израелските власти кога ќе ја посети земјата в среда.

Сепак, американскиот претседател Џо Бајден, иако признава „некое поместување“ на договорот, го опиша одговорот на Хамас како претеран, без да наведе детали.

„Не сме сигурни каде е. Во моментов продолжуваат преговорите“, рече тој во Вашингтон.

Во Доха, Блинкен рече: „Има уште многу работа да се направи, но ние продолжуваме да веруваме дека договор е можен, и навистина суштински“.

Тој зборуваше на прес-конференција со катарскиот премиер и министер за надворешни работи, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, откако Хамас го даде својот одговор.

Шеикот го опиша одговорот на Хамас како „позитивен“ во целина, но исто така одби да даде какви било детали.

Во својата изјава Хамас рече дека „се справил со предлогот во позитивен дух, обезбедувајќи сеопфатен и целосен прекин на огнот, ставање крај на агресијата врз нашиот народ, обезбедување помош, засолниште и реконструкција, укинување на опсадата на појасот Газа и постигнување размена на затвореници“.

Официјален претставник на Хамас, кој побара да остане анонимен, повтори за Ројтерс претходно денес дека палестинското исламистичко движење нема да дозволи ослободување заложници без гаранции дека војната и израелските сили ќе ја напуштат Газа.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе се бори додека Хамас не биде истребен.

Но, постои и растечко израелско движење кое бара повеќе напори за да ги врати заложниците дома, дури и ако тоа значи договор со Хамас.

Анкетата објавена од Израелскиот институт за демократија, покажа дека 51 отсто од испитаниците веруваат оти враќањето на заложниците треба да биде главната цел на војната, додека 36 отсто рекле дека тоа треба да биде соборување на Хамас.

Главниот воен портпарол на Израел денес изјави дека 31 од преостанатите заложници држени во Газа се прогласени за мртви.

Израел претходно соопшти дека 136 заложници сè уште се држат во Газа, откако 110 беа ослободени според единственото примирје договорено досега, во ноември кога Израел исто така ослободи 240 Палестинци што ги држеше.

Израел ја започна својата воена офанзива во Газа, откако милитантите од Газа, предводена од Хамас, убија 1.200 луѓе и зедоа 253 заложници во јужен Израел на 7 октомври.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека најмалку 27.585 Палестинци се потврдени убиени во воената кампања на Израел, а се стравува дека уште илјадници се затрупани под урнатините.

Палестинците се надеваат дека дипломатскиот притисок на Блинкен ќе донесе прекин на огнот пред израелските сили да упаднат во јужниот град Рафах, каде што повеќе од половина од 2,3 милиони луѓе во Газа сега се засолнети, главно во јавни згради и шатори направени од пластика.

Предложениот договор, подготвен пред повеќе од една недела од шефовите за разузнавање на САД и Израел, на состанокот со Египќаните и Катарците, треба да обезбеди ослободување на преостанатите заложници кои ги држат милитантите во Газа во замена за долга пауза на борбите.

Извори блиски до разговорите рекоа дека примирјето ќе трае најмалку 40 дена, за време на кои милитантите ќе ги ослободат цивилите меѓу преостанатите заложници што ги држат.

Следат понатамошни фази, за предавање војници и мртви тела на заложници, во замена за ослободување на Палестинците затворени во Израел.