Украина ќе добие уште пет системи за противвоздушна одбрана, кажа Бајден

Претседателот Џо Бајден, за време на инаугуративниот говор на Самитот на НАТО по повод 75-годишнината, во Вашингтон, 9 јули 2024 година

Украина добива пет дополнителни системи за противвоздушна одбрана за да ја заштити својата суверена територија, вклучително и три дополнителни батерии „Патриот“ од САД, Германија и Романија.

Американскиот претседател Џо Бајден ги објави петте системи додека членките на НАТО ја одбележуваат 75-годишнината од Алијансата за време на Самитот во Вашингтон.

Сојузниците ја одбележаа годишнината во аудиториумот Ендрју Мелон, местото на првичното потпишување на Северноатлантскиот договор, со кој беше основан одбранбениот блок во 1949 година.

На врвот на агендата на Самитот е поддршката за борбата на Украина против илегалната инвазија на Русија.

Холандија и другите партнери донираат компоненти на „Патриот“ за изградба на четврта батерија „Патриот“, додека Италија донира дополнителен SAMP-T систем, се вели во заедничката изјава од вторникот на лидерите на САД, Германија, Холандија, Романија и Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во април им кажа на членките на НАТО дека на Украина ѝ требаат минимум седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други висококвалитетни системи за противвоздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади.

Сојузниците на НАТО велат дека тесно се координираат со Киев за да ги направат овие системи достапни што е можно поскоро.

Тие, исто така, рекоа дека работат на уште едно соопштение за дополнителни стратешки системи за воздушна одбрана за Украина подоцна оваа година.

„Реалноста е дека нема бесплатни опции со агресивна Русија како сосед. Нема опции без ризик во војна, и запомнете, најголемата цена и најголемиот ризик ќе биде ако Русија победи во Украина“, изјави во вторникот генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Откако американскиот Конгрес одобри нова помош за Украина по неколкумесечните одложувања, САД ѝ дадоа на Украина опрема од стотици милиони долари извлечена од американските залихи, вклучително и дополнителната батерија „Патриот“ објавена во вторникот и ракети со долг дострел познати како ATACMS, изјавија двајца американски претставници за Гласот на Америка.

ATACMS имаат дострел до 300 километри (околу 185 милји) и речиси двојно повеќе од ударното растојание од украинските ракети.

Дополнително, САД обезбедија милијарди долари финансирање за долгорочните одбранбени потреби на Киев, вклучително и минатонеделниот пакет на Иницијатива за безбедносна помош за Украина од 2,2 милијарди долари, што се користи за купување пресретнувачи за NASAMS (земен систем за воздушна одбрана со среден дострел) и системи за воздушна одбрана „Патриот“ за Украина.