Со студен израз на лицето, македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи се поздрави со рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, на денешното отворање на 30. Министерски совет на ОБСЕ во Скопје.
Голем дел од претставниците на другите делегации воопшто не се поздравија со Лавров, а некои и ја напуштија салата додека шефот на руското Министерство за надворешни работи се обраќање на првиот дел од пленарната сесија на советот.
Во своето обраќање, како што и се коментираше меѓу учесниците на состанокот, Лавров настапи со низа напади кон Западот, кон НАТО и кон сојузниците на Украина. Тој ги обвини западните земји дека, како што тврдеше, ја поддржале Украина во неспроведување на мировните договори од Минск и со тоа им помогнале на украинските власти да создадат воена сила против Русија.
Лавров во својот говор ги повтори тезите за ширење на неонацизам во Европа и во Украина. После говорот веднаш ја напушти пленарната сала.
Рускиот шеф на дипломатијата, пред почетокот на првата сесија, не сакаше да одговара на новинарски прашања. Набргу после неговото обраќање руската делегација испрати соопштение дека ќе организира посебна прес-конференција во текот на утрешниот ден.
Како што објаснија од медиумскиот центар на Самитот, прес-конференцијата не била планирана во агендата за предвидени настани.
SEE ALSO: Блинкен и Лавров се разминаа над СкопјеПоради присуството на Лавров, министрите за надворешни работи на Украина и на балтичките земји, го откажаа присуството на состанокот во Скопје. Нивни дипломатски делегации, сепак допатуваа и се присутни на министерскиот совет.
Сепак, средба со Лавров оствари унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој во своето обраќање посочи дека е пропуштена можност за средба меѓу високите претставници на Русија и САД.
„Со жалење гледаме дека тоа не се случи. Иако верувам дека таква комуникација, таков директен контакт ќе биде од корист за сите нас, за цела Европа и за мирољубивите луѓе“, рече Сијарто и му се заблагодари на македонскиот министер, Османи што било овозможено присуство на Лавров во Скопје.
Премиерот Димитар Ковачевски, пред почетокот на денешната сесија од министерскиот совет беше категоричен дека нема да се сретне со Лавров.
„Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија. Ова е дипломатска победа на ОБСЕ, со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ. Со ова ОБСЕ ќе продолжи да функционира и ќе продoлжи да биде гарант на обезбедување развој на демократските и на мирните процеси во Европа“, нагласи Ковачевски.
Повеќето од шефовите на делегациите во своите обраќања упатија критика кон Русија за инвазијата врз Украина, нагласувајќи дека таа е спротивна на начелата на ОБСЕ.
SEE ALSO: Блинкен и Османи порачаа – остануваме обединети во поддршката за УкраинаВчера во Скопје, на неформалниот дел од Советот на ОБСЕ, присуствуваше американскиот државен секретар Антони Блинкен, кој оствари средба со Ковачевски и со Османи.