Странските лидери реагираат на откажувањето на Бајден од претседателската трка

АРХИВА - Американскиот претседател Џо Бајден во градината на розите во Белата куќа во Вашингтон, 27 септември 2022 година.

Ова се некои од реакциите од странски државници по одлуката на американскиот претседател Џо Бајден во неделата да се повлече од неговата кампања за реизбор во ноември:

Британскиот премиер Кир Стармер:

„Ја почитувам одлуката на претседателот Бајден и со нетрпение очекувам да работиме заедно во текот на преостанатиот дел од неговото претседателствување. Знам дека, како што правеше во текот на неговата извонредна кариера, претседателот Бајден ја донесе својата одлука врз основа на она што тој верува дека е во најдобар интерес на американскиот народ“.

Шпанскиот премиер Педро Санчез на „Х“:

„Сето мое восхитување и признание за храбрата и достоинствена одлука на претседателот Џо Бајден. Благодарение на неговата решителност и лидерство, САД ја надминаа економската криза по пандемијата и сериозниот напад на Капитолот и беа упорни во поддршката за Украина во очи на руската агресија на Путин. Голем гест од големиот претседател кој секогаш се борел за демократија и слобода.“

Ирскиот премиер Сајмон Харис:

„Во име на народот и владата на Ирска би сакал да ви се заблагодарам господине претседателе за вашето глобално лидерство и вашето пријателство додека објавувате дека нема да се кандидирате на претседателските избори во САД во 2024 година. Џо Бајден, на сите функции што ги извршуваше, отсекогаш бил непоколеблив глас и страствен работник за мир на островот Ирска и нашата земја му должи многу поради тоа.“

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за вестите:

„До изборите се уште четири месеци, а тоа е долг временски период во кој може многу да се промени. Треба да бидеме трпеливи и внимателно да следиме што се случува. Приоритет за нас е специјалната воена операција“, рече Песков, мислејќи на војната во Украина.

Норвешкиот премиер Јонас Гар Стоере:

„Ја почитувам одлуката на претседателот Џо Бајден да не се кандидира за реизбор. Тој ја оправдува одлуката велејќи дека сака да ја стави државата пред него самиот. Тоа размислување заслужува почит“, рече Стоере во изјава за Ројтерс.

„Џо Бајден беше еден од најистакнатите американски политичари во текот на неколку децении и претседател кој спроведе неколку важни реформи. Особено го пофалувам за неговото лидерство во НАТО и со нетрпение очекувам да работи со Бајден како претседател на Соединетите држави до крајот на јануари“.

Полскиот премиер Доналд Туск на „Х“:

„Господине претседателе Џо Бајден, многупати сте донеле тешки одлуки кои ги направиле Полска, Америка и светот побезбедни, а демократијата и слободата посилни. Знам дека се водевте од истите принципи кога ја објавивте вашата последна одлука. Можеби најтешката во Вашиот живот“.

Чешкиот премиер Петр Фиала на „Х“:

„Несомнено е одлука на државник кој со децении ѝ служи на својата земја. Тоа е одговорен и лично тежок чекор, но затоа е уште повреден. Држам среќа за САД да излезе добар претседател од демократска конкуренција на двајца силни и рамноправни кандидати“.