Кина и САД денес се согласија да го стабилизираат своето интензивно ривалство за да не навлезат во конфликт, но не успеаја да постигнат голем напредок за време на ретката посета на Пекинг на американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Кинескиот претседател Шји Џјинпинг го поздрави „напредокот“ откако се ракуваше со Блинкен на местото кое обично е резервирано за поздравување на шефовите на држави.
Највисокиот американски дипломат и Шји ја истакнаа важноста од постабилни односи, бидејќи секој конфликт меѓу двете најголеми економии во светот ќе создаде глобално нарушување.
Сепак, Кина го одби обидот на Вашингтон за обновување на воените канали на комуникација и ги наведе американските санкции како пречка.
Двете страни стоеја цврсто на нивните позиции за се`, од Тајван до трговија, вклучително и американските акции кон кинеската индустрија за чипови, човековите права и војната на Русија против Украина.
Белата куќа средбата ја нарече „добар чекор напред“.
Сеопфатната порака на Блинкен беше да ја нагласи важноста од одржување на отворени канали за комуникација за да се намалат ризиците, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.
На една од најзначајните американско-кинески размени откако претседателот Џо Бајден ја презеде функцијата, не беше јасно како ќе ги надминат разликите, но тие се согласија да ги продолжат своите дипломатски ангажмани со повеќе посети во наредните недели и месеци.
На прес-конференцијата на крајот на неговото дводневно патување во Пекинг, Блинкен рече дека Вашингтон ги постигнал своите цели за патувањето, вклучително и директно покренување на своите грижи, обид да воспостави канали за дијалог и истражување области на соработка.
Патувањето беше одложено во февруари, откако осомничен кинески шпионски балон прелета над воздушниот простор на САД.
Но, тој рече дека напредокот не е јасен.
„Односите беа во точка на нестабилност и двете страни ја препознаа потребата да работат на нејзино стабилизирање“, рече Блинкен пред да ја напушти земјата.
„Но, напредокот е тежок. Потребно е време. И тоа не е производ на една посета, едно патување, еден разговор. Мојата надеж и очекување е дека ќе имаме подобри комуникации, подобар ангажман понатаму“.
Американските власти ја намалуваат можноста за голем напредок во разговорите, но се надеваа дека посетата на Блинкен ќе го отвори патот за повеќе билатерални состаноци во наредните месеци, вклучително и можните патувања на секретарката за финансии Џенет Јелен и секретарката за трговија Џина Раимондо.
Извор: Ројтерс