Линкови за пристапност

Блинкен се очекува наскоро да ја посети Кина


Највисокиот американски дипломат го откажа патувањето во Пекинг во февруари поради тензиите со шпионски балон
Највисокиот американски дипломат го откажа патувањето во Пекинг во февруари поради тензиите со шпионски балон

Американскиот државен секретар Антони Блинкен се очекува да го посети Пекинг во следните недели, презакажувајќи го патувањето откажано во февруари поради тензиите кои вклучија кинески шпионски балон што леташе над Соединетите држави.

Официјални лица кои зборуваа под услов да останат анонимни, разговараа за ажурираните планови со новинарите, но не дадоа информации за точното време на очекуваното патување во Кина.

Фајненшл тајмс објави дека посетата би можела да дојде овој месец.

Кога беше прашан за ова прашање во понеделникот, портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател им рече на новинарите на брифингот дека нема јавно ажурирање за патувањето на Блинкен во Кина, но дека Соединетите држави со нетрпение очекуваат „да ја презакажат таа посета кога ќе дозволат условите“.

Највисокиот функционер на Стејт департментот за Источна Азија, Даниел Критенбринк, и високата директорка на Советот за национална безбедност за Кина, Сара Беран, беа во Кина на почетокот на неделава на, како што Пател опиша на „искрени и продуктивни дискусии“ со кинеските претставници.

Кинеското Министерство за надворешни работи ги нарече тие разговори „искрена, конструктивна и плодна комуникација за промовирање на подобрувањето на односите меѓу Кина и САД и правилно управување со разликите“.

Пател ја истакна потребата лично да се сретнат претставниците на САД и Кина, без разлика дали се работи за Пекинг или Вашингтон, велејќи дека нема замена за тие ангажмани „да се продолжи нашата дискусија“.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ја истакна потребата големите сили да имаат отворени линии за комуникација минатата недела пред безбедносната конференција во Сингапур. Неговиот кинески колега, генералот Ли Шангфу, одби да се сретне со Остин на маргините на конференцијата, и додека двајцата се ракуваа на форумот, Остин рече дека тоа „не е замена за суштински ангажман“.

Некои информации за овој извештај дојдоа од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG