Американскиот претседател Џо Бајден ќе биде домаќин на шведскиот премиер Улф Кристерсон кои денеска ќе остварат средба во Белата куќа, додека лидерите на НАТО се подготвуваат за самитот во Литванија наредната недела.
Шведска се обидува да се приклучи на НАТО, а ова следи по руската инвазија врз Украина која почна минатата година. Лидерите на НАТО дадоа одобрение за прием на Шведска на Самит во 2022 година, но Турција и Унгарија сè уште не ја ратификувале кандидатурата на Шведска – процес кој мора да биде едногласен од страна на сите земји – членки.
Финска аплицираше во исто време со соседна Шведска и беше целосно прифатена во НАТО во април годинава.
SEE ALSO: Влезот на Финска во НАТО ќе помогне да се одврати руската агресија, рече Блинкен„Претседателот Бајден и премиерот Кристерсон ќе ја разгледаат нашата растечка безбедносна соработка и ќе го потврдат својот став дека Шведска треба да се приклучи на НАТО што е можно поскоро“, рече портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер во изјавата минатата недела.
Турција ја обвини Шведска дека е премногу попустлива кон групите кои Турција ги смета за терористички организации. Како дел од договорот склучен меѓу Турција, Шведска и Финска, Шведска донесе голем број реформи, вклучително и нов антитерористички закон. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за утре свика средба меѓу трите земји.
Жан-Пјер рече дека Бајден и Кристерсон ќе разговараат и за координација во однос на Кина, како и за решавање на климатските промени и новите технологии.
Дел од информациите доаѓаат од Асошиетед прес и Ројтерс.