Политичка игра за привлекување гласачи од која може да страдаат меѓусоседските односи и европската иднина. Така грчкиот новинар, аналитичар и познавач на балканските состојби, Спирос Сидерис ги толкува новите случувања околу Преспанскиот договор.
Your browser doesn’t support HTML5
„Ако на Нова Демократија не ѝ се допаѓа договорот од Преспа. Исто и на ВМРО-ДПМНЕ. Ако почнат (преговори) за нов договор, кој од другата страна ќе прифати ново име? Од една страна, ВМРО-ДПМНЕ, сака само „Република Македонија“, а од друга страна, Нова демократија, не сака да стои „Македонија“ во името на земјата. Можат ли тие да најдат решение за тоа? Секако дека не“, вели Сидерис.
Од една страна, ВМРО-ДПМНЕ, сака само „Република Македонија“, а од друга страна, Нова демократија, не сака да стои „Македонија“ во името на земјата. Можат ли тие да најдат решение за тоа? Секако дека не.Спирос Сидерис
Новинарот е категоричен дека се работи за „политичка игра и ништо друго. Тоа е всушност, штетна политика“.
Во разговор за Гласот на Америка, Сидерис ги објаснува сегашните состојби во Грција и темите за кои најмногу се интересира тамошната јавност.
„Грција е втората земја во ЕУ со најнизок приход по глава на жител и основниот опстанок е главниот проблем (за граѓаните). Преспанскиот договор и случувањата околу него, не се главниот проблем“, вели тој.
За Преспанскиот договор, кој беше потпишан пред шест години, сè помалку се зборувало во грчката јавност. Во таа насока се однесувала и тамошната владејачка Нова демократија, која воедно избегна во грчкиот парламент да ги стави на гласање меморандумите од Договорот.
„Кирјакос Мицотакис (премиерот) се обидува уште од 2019 да го крие Договорот, да се заборави, за да избегне проблеми со екстремната десница во неговата партија. Како резултат на тоа, договорот не се спомнуваше и луѓето заборавија на ветувањата од Нова Демократија дека ќе го укинат договорот“, нагласува Сидерис.
Избегнувањето на терминот северна, при заклетвата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, им дало повод на националистичките политички струи во Грција повторно да се разбудат.
„Тоа доведе до тоа, граѓаните да се разбудат едно утро во кое новата претседателка на соседната земја, Северна Македонија да ја именува само Македонија. Очекуваните националистички гласови се побројни од оние граѓани кои го прифаќаат Преспанскиот договор“, вели Сидерис.
Дополнителна причина за вжештување на прашањето околу Договорот од Преспа во Грција се и тамошните претстојни избори за Европскиот парламент, што треба да се одржат на 9 јуни. Според објаснувањето на Сидерис, тие избори би покажале каква е настроеноста на грчките граѓани кон Нова демократија, која е гласен противник на Преспанскиот договор.
„Двајцата, Кирјакос Мицотакис (Нова Демократија) и Стефанос Каселакис (СИРИЗА) изјавија дека резултатите од изборите ќе бидат глас за доверба или недоверба кон владата. Тоа им дава одлика на национални избори. Дебатата за договорот од Преспа е плодна почва за Грција. Нова Демократија гледа дека ги губи гласовите, од десницата и и ја засилува националистичката реторика за да ги придобие повторно. Со зголемување на националистичката реторика и со упатувањето закани кон Северна Македонија може да ги привлече националистичките гласови“, вели новинарот.
Не сум сигурен дека Мицкоски, или кој и да биде премиер на Северна Македонија, би презел таков чекор (н.з. враќање на претходното име)Спирос Сидерис
Заканите за вето од грчка страна засега се само зборови, смета Сидерис. Но, не ја исклучува можноста за тоа и навистина да се случи.
„Секако, ветото стои на маса. Повеќе вербално, отколку во пракса. Тоа е оружје што грчката политика го има за Северна Македонија да ја држи до имплементација на договорот. Вето од грчка страна, може да предизвика проблеми во европскиот пат на Северна Македонија, и еден од најголемите проблеми за Скопје, отсекување од европските фондови“, укажува Сидерис.
Додава дека грчките власти ќе следат како ќе помине заклетвата на новата македонска влада. Смета дека се можни повторно реакции, доколку биде изоставена придавката „северна“. Но, додава дека официјалните документи се многу позначајни, отколку од тоа што ќе биде изговорено.
„Тоа не е главниот проблем. Побитни се другите работи, како името на државата во пасошите, во личните карти. Не сум сигурен дека Мицкоски, или кој и да биде премиер на Северна Македонија, дека би сакал да преземе таков чекор (враќање на претходното име)“, смета Сидерис.
Нашиот соговорник смета дека партијата што ќе ја води новата македонска влада, ќе ја следи праксата на тамошната владејачка партија, Нова демократија.
„Верувам дека ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја следи праксата на Нова Демократија од 2019 година. Да го имплементира договорот. Тоа е меѓународен договор што не може да биде отповикан. Исто така, членовите три и четири, што го одредуваат името на државата, под кое таа се приклучи во НАТО, под кое е признаена во ОН, и под кое разговара со ЕУ не може да се смени. Не верувам дека сакаат да ги прекинат врските со Европската Унија“, верува нашиот соговорник од Грција.
Новата македонска влада се очекува да биде формирана кон средината на јуни. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски неодамна изјави дека негово човеково право е како ќе ја нарекува сопствената држава. Сепак, додаде и дека комуникацијата во македонските институции останува согласно Уставот. Во меѓувреме, реакциите и заканите од грчките официјални лица за можен притисок кон државата не престануваат.