Линкови за пристапност

Ѓорѓи Филипов: Непочитувањето на Преспанскиот договор ќе значи стопирање на политичките ветувања и финансиската помош од ЕУ


Ѓорѓи Филипов, поранешен македонски амбасадор во Виена до 2014 година.
Ѓорѓи Филипов, поранешен македонски амбасадор во Виена до 2014 година.

Понатамошното непридржување до употребата на уставното име Република Северна Македонија, а со тоа и до Преспанскиот договор, може да влијае на поддршката од ЕУ, а со тоа и на европската иднина на државата велaт дел од аналитичарите. Поранешниот амбасадор, Ѓорѓи Филипов, вели дека последиците би биле во делот на намалување на соработката и помошта која би доаѓала од Брисел.

„Последиците би биле сигурно стопирање на некои ветување што се дадени од политичка, економска до на крајот финансиска помош. Значи можни се најразлични санкции да се употребат“, вели поранешниот амбасадор, Ѓорѓи Филипов.

Тој вели дека се ќе зависи од тоа како Владата ќе се однесува во однос на сите обврски кои произлегуваат од договорот, дали некои ќе бидат занемарени или отфрлени.

„Договорот има едно меѓународно значење и од таму и меѓународни обврски. И ЕУ инсистира на негова примена и САД кој е наш стратешки партнер и главен помагач и главна сила во НАТО“, додава Филипов.

За Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика, најпрво треба да се утврди дали неупотребата на новото уставно име од страна на претседателката на државата на чинот на нејзината инаугурација, значи и не придржување на Договорот од Преспа.

„Тоа што Грција е гласна за ова прашање, јасно е дека сака да ја искористи својата позиција и понатаму да ја демонстрира таа позиција на сила, а не да оди по правни патишта. Затоа ќе видиме како ова ќе има понатамошен оглас и затоа треба трпение и ладни глави“, вели Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски смета дека користењето на името Македонија од страна на новата претседателка не е воопшто неуставно.

„Уставното и историско име на оваа држава е Македонија, додека Република е политичка одредница, а Северна е географска одредница, која на еден насилен, неприфатлив, недемократски, нецивилизиран начин со уцени и слични неприфатливи начини и беше наметнат на оваа држава. Овој исчекор на претседателката е само почеток на исправање на едни историски грешки, кои му се прават на македонскиот народ“, изјави поранешниот амбасадор, Ристо Никовски.

Говорот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова предизвика реакции во ЕУ и Грција, но и од Германија, чии што пратеници нејзиниот потег го оценуваат како несреќен и за жалење.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG