Линкови за пристапност

Се раѓа ли нов спор: Пасивна ескалација околу Преспанскиот договор


Политичките фактори кои го договараа и го потпишаа Преспанскиот договор веќе не се дел ниту од македонската, ниту од грчката влада. Преспа, 17 јуни, 2018
Политичките фактори кои го договараа и го потпишаа Преспанскиот договор веќе не се дел ниту од македонската, ниту од грчката влада. Преспа, 17 јуни, 2018

На еден месец пред 6-годишнината од Преспанскиот договор, почнаа да се кршат копја со различни толкувања за терминот „северна“ и префрлања која од страните го почитува или не го почитува договореното. Аналитичари укажуваат, нов спор со Грција не е потребен.

Пасивна ескалација со различните ставови околу Преспанскиот договор почна да се случува на македонската и на грчката политичка сцена. Откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, за време на заклетвата во Собранието не ја употреби придавката „северна“, кон неа, своевидно се приклучи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Мое основно човеково право е како јас ќе ја нарекувам мојата држава“, рече Мицкоски во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање.

Грчката страна не чекаше многу за да реагира на овие изјави и побара почитување на Договорот од Преспа. Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, во изјава за медиумите рече дека „нема простор за отстапка“ и дека бараат од новата влада и од претседателката „верно да го имплементираат Договорот од Преспа“.

Сепак според објаснувања на домашните познавачи на политичките состојби, околу Договорот со Грција и натаму ќе се кршат копјата.

Уставот на државата е прекршен со тоа што избраната претседателка одби да го употреби уставното име на државата
Петар Арсовски

„Уставот на државата е прекршен со тоа што избраната претседателка одби да го употреби уставното име на државата при положувањето заклетва“, вели политичкиот аналитичар и публицист, Петар Арсовски.

Професорот по политички науки, Владимир Божиновски, пак, смета дека досегашната употреба на придавката „северна“ била прекумерна.

„Ние до сега имавме еден сериозен проблем, што досегашната власт го употребуваше терминот ‘северна’ и таму каде што треба, и таму каде што не треба“, вели Божиновски.

Петар Арсовски аналитичар
Петар Арсовски аналитичар

На прашањето Дали претседателката Сиљановска-Давкова го прекршила договорот од Преспа при заклетвата, Арсовски е категоричен:

„Апсолутно да. Според преспанската спогодба, употребата на уставното име е ‘ерга омнес’. Значи, во сите прилики, во сите официјални спомнувања на државата. Членот седум, на кои реферираат некои што се вклучија во дебатата, нема врска со официјалното положување заклетва. Тоа има врска со разговорната употреба на терминот ‘Македонија’, дома, во приватни прилики“, вели Арсовски.

Имавме еден сериозен проблем, што досегашната власт го употребуваше терминот ‘северна’ и каде што треба и таму каде што не треба
Владимир Божиновски

Професорот и политички аналитичар Божиновски, пак, нема таков ригорозен став:

„Треба точно да се види каде треба да се употребува и кога треба да се употребува придавката. И самата Сиљановска кажа дека ќе го почитува новото уставно име, декларацијата ја потпиша со ‘Северна Македонија’ и навистина треба да се види каде функционерите можат, односно мораат и каде не мораат да ја употребуваат таа придавка“, посочува Божиновски.

Постапката на претседателката доведе до остри реакции и од челниците во Европската унија, од каде беше изразена дури и разочараност за тој чин. Според домашните аналитичари, за македонската претседателка и за државата се создадоа нови предизвици на меѓународен план.

„Има неколку негативни последици за државата. Првата е што ќе нè мерат со други евалуациски критериуми. Ние покажавме дека не сме сериозни на почетокот од овој мандат. Меѓународната заедница за тоа изрази разочарување. Но, и натаму ќе внимава дополнително за тоа дали ние ќе ги почитуваме нашите обврски или не“, вели Арсовски.

Владимир Божиновски, аналитичар за политички прашања
Владимир Божиновски, аналитичар за политички прашања

Божиновски, пак, не смета дека реакциите од ЕУ ќе имаат далекусежни последици. За тоа, како што вели, придонело соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова во кое беше посочено дека придавката „северна“ ќе стои во официјалните документи.

„Пораката беше дека Македонија треба да обезбеди континуитет во почитување на договорите што се потпишани од некоја друга власт. Мислам дека тоа беше идејата. И, откако доби уверување дека тоа ќе биде така, самата ЕУ нема да има некаква дополнителна замерка“, посочува Божиновски.

Инаугурација и примопредавање на претседателската функција за новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова
Инаугурација и примопредавање на претседателската функција за новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова

Аналитичарите потсетуваат дека сегашниот состав на грчката влада, и очекуваниот иден состав на македонската влада, се од политички фактори кои не учествуваа во креирањето и потпишувањето на Преспанскиот договор.

„Сè уште не се потпишани оние три меморандуми што треба да ги изгласа грчкиот парламент. Сè уште дури ниту таблите не се променети. Едноставно треба да се договорат за взаемно прифаќање на тоа што треба да биде исполнето и до каде треба да биде исполнето“, вели Божиновски, додавајќи дека е во интерес на ниту една од земјите за повторно создавање спор.

Христијан Мицкоски слави победа на претседателските и парламентарните избори на плоштад во Скопје, 8 мај, 2024
Христијан Мицкоски слави победа на претседателските и парламентарните избори на плоштад во Скопје, 8 мај, 2024

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, упати и порака за политички дијалог.

„Ниту на едните, ниту на другите не ни се допаѓа тој договор. За разлика од таму, тука Преспанскиот договор е дел од македонските институции, од македонскиот устав и закони. Многу пати во минатото сме кажале дека тој е реалност. Комуникацијата внатре во институциите останува согласно законите и уставот“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во Скопје.

Мислам дека ќе имаме дополнителна пасивна-агресивна ескалација од двете страни
Петар Арсовски

Сепак, аналитичарот Арсовски, стравува дека ќе има заострување на реториката од двете страни.

„Мислам дека однесувањето на избраната претседателка ја намалува шансата за во грчкиот парламент бргу да се донесат останатите три амандмани. Постои ризик тоа повторно да стане прашање за домашна употреба, нешто од коешто одвај се спасивме. Ако тоа се случи, мислам дека ќе имаме дополнителна пасивна-агресивна ескалација од двете страни“, вели Арсовски.

На прашањето, пак, дали со новата претседателка и со новата влада ќе се смени темпото на евроинтеграцискиот процес, аналитичарите велат:

„Темпото на евроинтеграцијата зависи од уставните измени. Уставните измени, пак, зависат од волјата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во моментот тие се стожерот околу кој се формира владата. Вољата нивна зависи од тоа дали ќе најдат некаква креативна реинтерпретација. Ако најде сила и домашна, или странска политичка поддршка, тогаш ќе зависи од домашната агенда, а во тоа ВМРО-ДПМНЕ се поефикасни“, смета Арсовски.

Наоѓање решение за проблемот со уставните промени се единствениот начин за одглавување на преговорите за евроинтеграција, сметаат домашни аналитичари (Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ ја слават победата на парламентарните избори, во Скопје, 8 мај, 2024)
Наоѓање решение за проблемот со уставните промени се единствениот начин за одглавување на преговорите за евроинтеграција, сметаат домашни аналитичари (Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ ја слават победата на парламентарните избори, во Скопје, 8 мај, 2024)

Божиновски, пак, вели дека не може да стане збор за темпо во евроинтеграцијата, зашто воопшто и нема придвижување.

„Новата влада во Македонија и во Бугарија. Нели и таму ќе има избори. Заедно со ЕУ и САД, да се седне и да се види на кој начин двете страни ќе можат да бидат задоволни и да се откочат тие евроинтеграциски процеси. Никогаш не беше проблем внесување на Бугарите во Уставот. Секогаш беше проблем прашањето ‘Што потоа?’“, вели Божиновски.

За неполн месец се навршуваат шест години од Договорот од Преспа. Државата го смени уставното име, но преговори за членство во ЕУ не доби. Тоа што го доби државата после Договорот е полноправното зачленување во НАТО, во 2020 година.

XS
SM
MD
LG