Собранието на Северна Македонија го поткопа судството во 2023, објави „Транспаренси интернешнл“

  • VOA

Индексот за перцепција на корупција користи скала на бодови од нула, што означува многу корумпирана земја, до 100 или некорумпирана земја. Северна Македонија има 42 бода

Во септември 2023 година, Собранието на Северна Македонија значително го поткопа судството, објави „Транспаренси интернешнл“ во својот најнов извештај за перцепција за корупцијата во јавниот сектор во 2023 година.

„Во нетранспарентна и брза постапка пратеници го изменија Кривичниот законик со намалување на затворските казни и го скратија рокот на застареност за злоупотреба на службената положба“, се вели во извештајот.

Во него се нагласува дека ова „ќе предизвика околу 200 сомнителни случаи на корупција да бидат отфрлени, од кои многу вклучуваат поранешни високи функционери“.

Индексот користи скала на бодови од нула, што означува многу корумпирана земја, до 100 или некорумпирана земја. Северна Македонија има 42 бода. Рангирана е на 76 место од 180 држави.

Според извештајот, маргинализираните групи поверојатно е да бидат мета на корумпирани актери, а властите ниту ги заштитуваат нив, ниту ги казнуваат сторителите.

Родова нееднаквост и нерамнотежата на моќ ги прави жените и девојките поранливи на одредени видови корупција, пишува во извештајот.

Најновиот извештај нотира дека повеќето од 180 земји постигнале мал или никаков напредок во справувањето со корупцијата во јавниот сектор.

„Глобалниот просек останува непроменет 12. година по ред, со повеќе од две третини од земјите со резултати под 50. Ова укажува на сериозни проблеми со корупцијата“, вели „Транспаренси Интернешнл“.

САД имаат 69 бода од 100, односно рангирани се на 24 место, додека напорите за борба против корупцијата стагнирале или опаднале во повеќе од три четвртини од земјите во Западна Европа и ЕУ.

Земји со најниски резултати во регионот, покажувајќи суштински слабости во владеењето на правото, се Унгарија (42), Романија (46) и Бугарија (45).

„Кога правдата се купува или политиката се меша во неа, луѓето се тие кои страдаат. Лидерите треба целосно да инвестираат и да ја гарантираат независноста на институции кои го спроведуваат законот и се справуваат со корупцијата. Време е да се стави крај на неказнивоста за корупција“, вели „Транспаренси Интернешнл“.