Со изнесувањето на доверливи документи Трамп претставува опасност за националната безбедност на САД, велат експертите

Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, е обвинет за „намерно задржување“ на доверливи информации за национална одбрана, и тоа по 31 точка, а секоја се однесува за различен документ кој тој го зел од Белата куќа.

По изјаснувањето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за невин по однос на обвиненијата против него за лошо постапување со доверливи документи за национална безбедност по напуштање на функцијата во 2021 година, експертите велат дека обвинението убедливо и цврсто докажува дека тој претставува опасност за САД со тоа што ги изнел доверливите документи. За ова се расправаше на панел дискусија организирана од Универзитетот на Чикаго.

Професорката по право, Алисон ЛаКрои, кажа дека најважната порака е дека никој не е над законот.

„Во однос на документите, еден од елементите што е многу важен е што тоа е направено свесно, и некој ќе каже дека има еден куп кутии, а меѓу нив има и работи кои се класифицирани. Доказите во обвинението се многу убедливи дека тој добро знаел што прави. Ги покажувал материјалите на новинари и на донатори. Движењето на документите, нивно изнесување и внесување во авиони, во кутии, е причината за негово обвинување“, рече ЛаКрои.

Професорката по историја од истиот Универзитет, Џејн Дели вели дека „во однос на националната безбедност во обвинението е наведено дека овој човек е јасна и присутна опасност за нашата нација.“

„Тој, ги стави во опасност животите на луѓето. И тоа го направел додека бил претседател. Одделот за правда направи добра работа што кажаа дека во основа се оштетени САД. Тоа сме сите ние. Сите ние треба да му заблагодариме на Џек Смит, бидејќи тој е нашиот адвокат во сето ова. Мислам дека фокусот на националната безбедност е нешто на што Американците ќе обрнат внимание, а тоа е и основната работа на претседателот. И овој човек постапи на начини кои покажуваат, според мене, дека не е способен да постапува со доверливи информации никогаш повеќе“, рече Дејли.

Ако нема кривично гонење за функционерите, тогаш едноставно ги поттикнуваме да продолжат така да ја третираат функцијата, вели професорката по политички науки на Универзитетот Чикаго, Сузан Стоукс. Во многу демократски држави, вели таа, се гонат претседатели или премиери, а како пример за тоа е го наведе поранешниот претседател на Франција, Николас Саркози.

„Кога се гонат поранешните функционери размислувањата се во наскока дека се работи за „банана држава“. Ова е погрешно размислување. Во изборна демократија можат да се отстранат луѓето кои вршат криминал додека се на функција, иако никој не сака да има таква држава“, рече Стоукс.

Таа вели дека случајот со Трамп носи и друга штета - недоверба во институциите кај јавноста.

„Лагите започнаа пред неколку години. Тврдења на Трамп дека му биле ускратени изборите во 2020 година поради масовна измама извршена од Џо Бајден и Демократската партија. И тоа создаде ситуација во која мнозинството поддржувачи на едно двете најголеми партии почнаа да не веруваат во интегритетот на изборите во САД“, рече Стоукс.

Трамп во својот говор вчера обвини дека истрагата е политички мотивирана, а доколку биде избран за претседател на САД ќе назначи специјален обвинител кој ќе ги истражува постапките на Џо Бајден и неговото семејство.

Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, е обвинет за „намерно задржување“ на доверливи информации за национална одбрана, и тоа по 31 основа, а секоја се однесува за различен документ што тој го изнел неовластено од Белата куќа. Неговиот одговор е дека немал време за да ги разгледа што содржат сите кутии со документи и сувенири што ги чувал.

Трамп е првиот поранешен американски претседател што се соочува со федерално обвинение за загрозување на националната безбедност.