САД и Израел ќе разговараат за заложниците во Газа

Администрацијата на Бајден се обидува да го олесни ослободувањето на повеќе од 100 преостанати заложници земени за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, што го поттикна почетокот на војната во Газа, која сега е во четвртиот месец

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Брнс и неговиот израелски колега ќе се сретнат со катарските власти во наредните денови на разговори за вториот потенцијален договор за заложници во Газа, изјавија за Ројтерс денес два извора запознаени со ова прашање.

Брнс и шефот на израелската разузнавачка служба викендов во Европа ќе се сретнат со катарскиот премиер и министер за надворешни работи, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, изјави за Ројтерс еден функционер информиран за средбата.

Ќе учествува и шефот на египетското разузнавање, изјави вториот извор.

Администрацијата на Бајден се обидува да го олесни ослободувањето на повеќе од 100 преостанати заложници земени за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, што го поттикна почетокот на војната во Газа, која сега е во четвртиот месец.

Шефовите на американското и израелското разузнавање претходно се сретнаа со катарските и египетските власти, помагајќи да се постигне краткотрајно примирје во ноември, во кое беа ослободени повеќе од 100 заложници.

Брнс „е вклучен во помагањето во договорот за заложници што беше воспоставен и се обидува да ни помогне да продолжиме со друг“, изјави портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби на новинарите кои патуваа со американскиот претседател Џо Бајден.

ЦИА, која има политика на необјавување на патувањето на директорот, одби да го коментира состанокот, кој прв го објави „Вашингтон пост“.

Сојузникот на САД, Израел вети дека ќе го искорени Хамас, поттикнувајќи напади при кои беа убиени најмалку 25.700 луѓе, соопштија палестинските здравствени власти.

Хамас денес рече дека ќе се придржува до секоја можна одлука на Меѓународниот суд на правдата која повикува на прекин на огнот се` додека Израел возврати исто.

Администрацијата на Бајден долго време рече дека поддржува привремена пауза во борбите, што, исто така, би можело да овозможи поголема хуманитарна помош, но дека не поддржува прекин на огнот.

По планираните разговори за викенд, Катарецот Ал Тани се очекува да биде во Вашингтон следната недела.

В понеделник тој треба да зборува во Атлантскиот совет, според веб-страницата на организацијата.