Северна Македонија да направи поголем напредок во препораките за антикорупција, вели мисијата на САД во ОБСЕ

САД, исто така, ја охрабруваат постизборната влада на Северна Македонија да спроведе системски реформи кои го надополнуваат значителниот придонес на граѓанското општество во државата за подобрување на човековите права

САД се посветени да ѝ помогнат на Северна Македонија целосно да се интегрира во безбедна и демократска Европа, изјави Мисијата на САД во ОБСЕ.

Во одговор до канцеларијата на ОБСЕ во Скопје, Кетрин Бракер, шефица на Мисијата на САД во ОБСЕ во отсуство на амбасадорот, рече дека „Северна Македонија треба да постигне поголем напредок во спроведувањето на нејзините антикорупциски препораки поврзани со пратениците, судиите и обвинителите“.

„Судските реформи, вклучувајќи ги критериумите засновани на заслуги за избор и унапредување на судии и обвинители, се важни за отклучување на средствата од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан“, рече Бракер.

Ја поздрави поканата за ОДИХР да ги набљудува претседателските и парламентарните избори во Северна Македонија на 24 април и 8 мај.

„Како што се приближуваат изборите, САД ги охрабруваат политичките партии да се фокусираат на нивните платформи наместо на негативна реторика. Ние разбираме дека мисијата на ОБСЕ испрати слична порака. Охрабрени сме што за овие избори ОДИХР ќе го мери учеството на жените. Ова ќе обезбеди корисни податоци за разбирање и зајакнување на улогата на жената во помагањето на Северна Македонија да изгради поеднакво и подемократско општество“.

САД, исто така, ја охрабруваат постизборната влада на Северна Македонија да спроведе системски реформи кои го надополнуваат значителниот придонес на граѓанското општество во државата за подобрување на човековите права.

„Конкретно, би сакале да видиме реформи кои се однесуваат на корупцијата и одговорното владеење, насилството врз новинарите и третманот на притворените и осудените лица“, рече Бракер.