Северна Македонија е добар пријател на Украина, направи многу да ни помогне, рече Кулеба

  • VOA

Во споредба со вашите можности, вие навистина направивте многу за да ни помогнете, исто како што направивме и ние за да ви помогнеме во деведесетите, рече украинскиот министер за надворешни работи на онлајн брифинг (Фото: Профил на Х на МНР на Украина)

Северна Македонија е добар пријател на Украина и направи многу за да ни помогне, рече украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, одговарајќи на новинарско прашање на онлајн брифинг со странски медиуми.

„Направивте многу во последните три години. Во споредба со вашите можности, вие навистина направивте многу за да ни помогнете, исто како што направивме и ние за да ви помогнеме во деведесетите“, рече Кулеба.

Кулеба вели дека анкетите низ различни западни земји покажуваат дека луѓето ја поддржуваат украинската влада, но оти дефинитивно ќе се види скок во напорите на руската пропаганда во наредните недели и месеци.

„Во светло на првите претстојни европски избори и во САД“.

Според него, Русија нема да штеди напори да ја обвини Украина за криминал, со цел да ја дискредитира и да ја намали поддршката што ја ужива.

„Затоа, мора да останеме внимателни, мора да се спротивставиме. Најсвеж пример, секако, е обидот на Русија да ја поврзе Украина или да ја обвини Украина дека е вмешана во пукањето во концертна сала во Русија. Овие изјави се лажни и апсурдни. Вака не се бориме за себе. Злосторствата врз цивилите е руска практика, како што видовме во последните неколку години од руската агресија врз Украина, но, да, тие ќе се обидат да се обидат да направат сè да ја дискредитираат Украина“.

Кулеба рече дека Русија нема црвени линии кога се во прашање нивните обиди да ја дискредитираат Украина во очите на целиот свет, но оти проблемот се црвените линии на западните држави.

„Проблемот е помалку во руската пропаганда која не познава црвени линии, туку е повеќе во западните влади кои си поставуваат премногу црвени линии кога станува збор за борбата против поддршката на Украина во нејзината борба против руската агресија“.

Министерот за надворешни работи на Естонија Маргус Цахкна, пак, во интревју за грузиската редакција на Гласот на Америка, рече дека руската агресија во Украина не е само украински проблем, туку и заеднички проблем во Европа и демократските држави, бидејќи Русија ги напаѓа сите вредности за кои се залага западниот свет.

Тој беше во Вашингтон заедно со неговите балтички колеги каде зборуваа за потребата од американска поддршка за Украина.

„Многу е важно да се зборува за Украина. Ова е главна тема. Имаме самит на НАТО во Вашингтон. Прашањето е како можеме да продолжиме со членството на Украина во НАТО“, рече тој.