Американските воени бродови и борбени авиони се на пат кон Блискиот Исток за да спречат сеопфатна војна и за „одбрана на Израел“.
„Пентагон пренесува значајни средства во регионот за да се подготви за она што може да биде уште една потреба за одбрана на Израел од напад. Истовремено работиме многу напорно за да ја деескалираме ситуацијата дипломатски, бидејќи не веруваме дека регионалната војна е во нечиј интерес во моментов, а тоа е нешто што се обидуваме да го избегнеме од седми октомври”, вели Џон Финер, заменик советник за национална безбедност во Белата куќа.
Покажувањето на воената моќ доаѓа во време на зголемени тензии во регионот по атентатот на главниот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, во Техеран и ракетниот напад врз областа на Голанската висорамнина во Израел, во кој неколку дена претходно загинаа десетина деца на фудбалско игралиште.
Израел ја обвини либанската милитантна група Хезболах за нападот и ги погоди, како што рече, целите на Хезболах во Либан во кои беше убиен нивни командант. И Хамас и Хезболах се поддржани од Иран.
„Тековната агресија и бруталните напади на Хезболах го влечат народот на Либан и на целиот Блиски Исток во поширока ескалација. Ние претпочитаме да ги решаваме непријателствата без поширока војна, додека израелската армија е целосно подготвена за секое сценарио”, изјави Даниел Хагари, адмирал во израелската морнарица.
Но, во Бејрут, на снимката пренесена од телевизијата Ал Манар, контролирана од Хезболах, лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, негираше вмешаност на групата.
„Ние категорично ја негиравме нашата одговорност за овој инцидент и имаме храброст да преземеме одговорност ако бомбардиравме некое место, дури и по грешка”, изјаво Насралах.
И покрај вперувањето со прст, постојат реални последици за луѓето кои живеат во регионот.
Израелскиот систем за противвоздушна одбрана „Железна купола“ беше активиран за да пресретне напади од преку границата во Либан.
И со воено засилување на патот, Стејт департментот издаде совет „не патувајте“ за Либан, охрабрувајќи ги граѓаните на САД да заминат.