Линкови за пристапност

Иран ги отфрла повиците за воздржаност


Луѓе поминуваат покрај билбордот на кој е прикажан портрет на новоименуваниот водач на Хамас Јахја Синвар во Техеран, 12 август 2024 година
Луѓе поминуваат покрај билбордот на кој е прикажан портрет на новоименуваниот водач на Хамас Јахја Синвар во Техеран, 12 август 2024 година

Иранското министерство за надворешни работи ги отфрли повиците за воздржаност во својот одговор по убиството на лидерот на Хамас во Техеран, велејќи дека молбите од Франција, Германија и Велика Британија „немаат политичка логика и се во спротивност со принципите на меѓународното право“.

Трите европски земји вчера издадоа соопштение во кое ги повикуваат Иран и неговите сојузници да се воздржат од напади против Израел.

„Без никаков приговор за злосторствата на ционистичкиот режим [Израел], изјавата на Е3 дрско бара од Иран да не одговара на кршењето на неговиот суверенитет и територијален интегритет“, рече портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани.

Иранскиот претседател вчера му рекол на британскиот премиер дека Иран има право да му се одмазди на Израел поради убиството на функционерот на Хамас Исмаил Ханије и дека одмаздата би ја обесхрабрила идната агресија, според извештајот на официјалната иранска новинска агенција ИРНА.

Во меѓувреме, портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби предупреди дека Израел и неговите сојузници мора да бидат подготвени за „значителен сет на напади“ од Иран уште „оваа недела“.

Како одговор на растечките тензии, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во неделата нареди да се распореди подморница на Блискиот Исток.

Запрашан дали најавата за подморницата е порака до Иран, портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер рече: „Апсолутно“.

„Се обидуваме да испратиме порака, а тоа е дека сакаме да ја деескалираме ситуацијата, дека бараме да имаме способности во регионот да ги заштитиме нашите сили, а истовремено да ја поддржуваме одбраната на Израел“, им рече Рајдер на новинарите вчера во Пентагон.

Покрај повикот за воздржаност, европските лидери изразија „целосна поддршка“ за напорите да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, заедно со неограничената испорака на хуманитарна помош.

Тие, исто така, го поддржаа последниот притисок од страна на САД, Катар и Египет, за да се постигне договор за ставање крај на војната меѓу Израел и Хамас.

Ари Циркурел, помошник-директор за надворешна политика на Еврејскиот институт за национална безбедност на Америка, рече дека иако во одреден момент може да има прекин на огнот, „заложниците се последната точка на потпора на Хамас“.

„Хамас постојано ги отфрлаше напорите на Израел да постигне договор за прекин на огнот и заложниците, и за жал, во моментов е навистина нејасно што, доколку нешто, би го променило тој пристап“, рече Циркурел.

Во понеделникот Хамас соопшти дека неговите војници убиле еден израелски заложник и раниле двајца други.

Израел вети дека ќе го уништи Хамас како одмазда за терористичкиот напад на 7 октомври во кој загинаа 1.200 луѓе и доведе до апсење на 250 заложници.

Во израелската контраофанзива загинаа речиси 40.000 луѓе во Газа, главно жени и деца, според Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас, додека Израел вели дека бројот на загинати вклучува илјадници борци на Хамас.

Карла Баб и Ким Луис придонесоа за овој извештај. Дел од информациите се од Асошиетед-прес, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG