Русија би можела да подготвува блокада во Црното Море, рече Британија

Британското министерство за одбрана денес соопшти дека Русија ја променила својата поморска активност во Црното Море, додавајќи дека постои можност руските сили да се подготвуваат „да спроведат блокада на Украина“.

Минатата недела Русија се повлече од речиси една година стариот договор со посредство на Обединетите нации и Турција, со кој се овозможи безбедно поминување на пратки со жито од украинските пристаништа на Црното Море.

Пред договорот, руската инвазија на Украина го запре извозот на жито, влошувајќи ја глобалната криза со храна.

Британското министерство за одбрана во своето секојдневно ажурирање соопшти дека рускиот воен брод Сергеј Котов бил распореден во Црното Море за да патролира по бродската лента помеѓу Босфорскиот теснец и јужното украинско пристаниште Одеса.

„Постои реална можност тој да биде дел од работна група за пресретнување на комерцијални бродови за кои Русија верува дека се упатуваат кон Украина“, соопшти британското министерство.

САД ќе ѝ испратат на Украина дополнителна воена помош од 400 милиони долари, вклучително и ракети за противвоздушна одбрана, мали беспилотни летала и оклопни возила, соопшти денеска Пентагон.

Дел од информациите се од АП, агенцијата Франс-прес и Ројтерс