Првиот работен ден на новиот премиер почна во 10 часот. Дојде во зградата на владата каде први го пречекаа соработниците кои ќе бидат дел од неговиот тим.
Во владата Мицкоски се сретна со неговиот претходник – техничкиот премиер. На кусата средба Џафери, како што соопштија од владата, посакал успешна и ефикасна работа на идниот владин кабинет. Се зборувало и за успешното спроведените фер и демократски избори кои донесоа промена на власта, како и за потребата од продолжување на реформите.
Во првиот ден како премиер, Мицкоски најде време и за присуство на поставување камен-темелник - на нова спортска сала во Штип.
Your browser doesn’t support HTML5
„Горд сум што вака веднаш со проекти може да го почнеме мандатот како влада. Убеден сум дека тоа ќе ја врати надежта кај граѓаните дека Македонија ќе ја биде“, рече Мицкоски.
Денеска јавноста беше информирана за примопредавањата во внатрешни работи, во здравство, во правда, во локална самоуправа, во образование, во култура... Најсвечено беше во министерството за одбрана...
„Македонија денес е член на НАТО семејството, систем кој обезбедува на сите наши сограѓани безбедност која е клучна за сеопфатен општествено економски развој, која е еден од најважните стратешки приоритети на Владата. Пред вас се обврзувам, дека ќе работам на јакнење на меѓународниот углед и позицијата на државата. Ветувам враќање на достоинството во Армијата, инвестиции во нова опрема, инфраструктура и човечки ресурси“, рече Владо Мисајловски, министер за одбрана.
Првата одлука на Арбен Таравари како министер за здравство беше поврзана со низа разрешувања.
„Денеска разрешив неколку економски в.д директори на клиниките. Во наредните денови ќе разрешам уште 6-7. Законот треба брзо да го смениме за да нема економски директори“, рече Таравари.
Новата влада која со 77 гласови „за“ беше избрана синоќа, има 24 члена – премиерот, 20 ресорни министри и тројца без ресор.