Линкови за пристапност

Коалицијата „Вреди“ ја претстави „Платформата на патриотизмот“


Koalicija Vredi Коалиција Вреди
Koalicija Vredi Коалиција Вреди

Изет Меџити потврди дека ќе биде прв вицепремиер. Балансерот ќе го замени закон за правична застапеност. Приоритетите на „Вреди“ во рамките на Владата се кадровски решенија без политички багаж, политики за враќање на довербата во судството, борбата против криминалот и корупцијата, економскиот развој

СКОПЈЕ – Коалицијата „Вреди“ денес ја претстави својата програма „Платформа на патриотизмот“ според која во рамките на идната Влада ќе се водат кадрите на коалицијата. Изет Меџити потврди дека ќе биде прв вицепремиер како и дека балансерот заминува во историја а ќе се воведе Закон за правична застапеност.

„Заврши времето на демагогија. Денес се бараат образовани, искусни и храбри луѓе да бидат носители на сложените реформски процеси за да ја направиме нашата земја нормална, економски развиена земја и подготвена за интегрирање во Европската Унија. Ќе се фокусираме на работата; почитување на институциите; одговорност за преземената задача; исполнување на обврските навремено и успешно. Тоа може да го направи само новата генерација кои се ослободени од товарот на старото, од хипотеките на минатото, од фолклорот полн со зборови и малку труд“, рече Меџити.

Тој потенцираше дека „Вреди“ е легитимен победник на изборите и ги отфрли обвинувањата на ДУИ. Како прв вицепремиер во идната влада најави дека за разлика од неговиот претходник Артан Груби нема да игра фудбал со министрите во кабинетот, нема да излегува со куфери пред јавни институции и нема да се занимава со бизнисите на Лотарија и Соравиа.

„Во наредниот период ќе има голема реформација и трансформација на министерствата. Но, додека формата ќе се менува, содржината – односно основните концепти – ќе остане иста: правата на Албанците ќе продолжат да се гарантираат и штитат со Уставот и Охридскиот договор. Балансерот со кој многу Македонци станаа Албанци за да се вработат ќе се замени со Законот за правична застапеност. Тоа ќе биде направено за правичната застапеност да стане законска обврска, а не да остане механизам за политичко пазарење како што беше досега“, рече Меџити.

Арбен Таравари ги потенцираше четирите столба на идното владеење на новата владина коалиција а тоа се забрзување на европскиот пат на земјата, бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, економскиот развој и подигнување на животниот стандард на граѓаните и рамноправен регионален развој и зајакнување на општините односно децентрализација. Тој најави дека како иден министер за здравство веднаш ќе ги разреши економските директори во Клиниките, ќе достави предлог законски измени за укинување на таа функција и ќе го реши проблемот со компресорите кој го осакати Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Во идната Влада која се очекува да се изгласа викендов, коалицијата „Вреди“ ќе има две вицепремиерски места и пет министерски. Изет Меџити ќе биде прв вицепремиер и ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање. Вториот вицепремиер е Арбен Фетаи кој ќе биде и министер за добро владеење., Арбен Таравари ќе го води Министерството за здравство, Фатмир Лимани ќе биде министер за социјална политика, демографија и млади, Орхан Муртезани ќе го води министерството за европски прашања а Бесар Дурмиши ќе биде министер за економија и труд.

XS
SM
MD
LG