Линкови за пристапност

Мицкоски: „Време е да се засукаат ракавите и решат проблемите“


Во своето експозе Мицкоски најави инвестиции, економско зајакнување на државата, намалување на невработеноста, раст на БДП. Опозицијата со критики за програмата. Го прашаа Мицкоски дали ги лажел граѓаните дека нема да ја користи придавката „северна“ и ќе ги поништи договорите со Бугарија и Грција

СКОПЈЕ – „ Нема да барам никакви 100 дена меден месец, туку најавувам фуриозен почеток на проекти и нови инвестиции веднаш. Впрочем немавме ниту една секунда изминатиов период. Од она што го дознаваме за состојбите во државата, ситуацијата е рамна на клиничка смрт во повеќе клучни области, девастирана до мера на непрепознатливост каде институциите се доведени пред буквална пропаст и незапаметена нефункционалност“, кажа идниот мандатар Христијан Мицкоски во своето експозе од собраниската говорница.

Економско зајакнување и подобар животен стандард ќе биде фокусот на програмата на идната Влада.

„ Мора да постигнеме раст на БДП до 5% годишно. Ниска стапка на инфлација не повеќе од 2,0%- 2,5% годишно. Намалување на невработеноста до 7,5%. Односно создавање на нови 55 илјади работни места. Ќе ги намалиме даноците. Ќе обезбедиме секое дете да оди во градинка. Инвестиции во инфраструктурата од над 2 милијарди евра за 4 години, завршување на автопатот Кичево – Охрид, реконструкција и рехабилитација на железничкиот коридор 10 и набавка на возови, како и 250 милиони евра капитални инвестиции во општините. Ќе работиме на децентрализацијата“, рече Мицкоски.

Тој најави нова инвестиција вредна 400 милиони евра на уште на самиот старт на мандатот, идната недела и брзо темпо на работа. Од идните членови на неговиот кабинет како и вториот и третиот ешалон побара да работата чесно бидејќи одговараат пред граѓаните а не пред партиските штабови.

„Работата на сите предложени кандидати за јавни функции ќе биде предмет на постојана ревизија и евалуација и ќе има место само за тие со јасна волја, кои се посветени на државата и народот и кон исполнување на програмата, и кои ќе бидат блиски до народот и ќе имаат јасен, морален и професионален компас. Неморал и потфрлања нема да толерирам. Кој нема да може да се носи со тоа не е погрешно ниту грев да каже, или заедно да утврдиме, и да ја промени позицијата или да биде реконструиран од постојната. Ќе барам од секого повеќе од максимумот. Немаме време, треба брзи резултати, треба многу работа, мерки, чекори и проекти, на народот му е потребен квалитетен живот и држава која ќе биде негова“, изјави Мицкоски.

Првите критики за програмата на Владата пристигнаа од координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, кој нагласи дека за повеќето проекти нема временска рамка кога ќе се завршат. Побара, но не доби одговор од идниот мандатар Христијан Мицкоски, зошто ќе ја користи придавката „северна“ кога со години наназад ги уверуваше граѓаните и гласачите дека тоа нема да се случи и дали ќе ги укине Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија.

„Затоа што едно е пред граѓаните да речете дури и мандатот ако треба нека ми го одземат јас нема да ја користам придавката на името а денес овде пред македонското Собрание зборувате како мандатар најавувате почитување на Преспанскиот договор и уставното име на државата. Факт е дека нема ниту збор за укинување на Преспанскиот договор, ниту збор за укинување на Договорот со Бугарија и факт е дека нема план за тоа како ќе ја промените преговарачката рамка за којашто зборувавте со години наназад дека нема да ја прифатите. Дури и толку напаѓаниот од Ваша страна проект за коридорите, кој се работи од страна на Бехтел и Енка, тој договор за којшто велевте дека е криминален гледам дека со задоволство е прифатен и ставен во програмата на Владата“, рече Спасовски од собраниската говорница.

Пратениците од ВМРО – ДПМНЕ го обвинија Спасовски за низа скандали, лоши политики и катастрофални економски резултати, но сепак одговор за прашањата на Спасовски не дадоа ноти тие.

Лидерот на „Левица“, Димитар Апасиев, со низа критики за составот на Владата и самата програма за која вели дека му се „залудно потрошени четири часа во читање“.

„Во три реда на пет места има Република Северна Македонија. Барем да се обидовте, како ние, да протнете Република С. Македонија. Требало наместо Република Северна Македонија, да напишете Република Северина Македонија оти го изд...вте народот за тоа што му ветувавте“, рече Апасиев.

Седницата на Собранието за избор на Влада предвидено е да трае најдоцна до утре на полноќ кога ќе мора да се гласа, а ќе биде избрана доколку добие просто мнозинство од гласови односно 61. Повеќе од извесно е дека тоа ќе се случи бидејќи владеачкото парламентарно мнозинство во кое се ВМРО – ДПМНЕ, ЗНАМ и коалицијата „Вреди“ имаат 78 пратеници.

Идната Влада на мандатарот Мицкоски ќе има 20 министерства, четири повеќе од сегашната, со пет вицепрмиери и три жени министерки. Петнаесет министри ќе бидат од редовите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата „Вреди“ и двајца од ЗНАМ.

XS
SM
MD
LG