Линкови за пристапност

Собранието ја избра Владата на премиерот Христијан Мицкоски


Со 77 гласа „за“, 22 „против“ и ниту еден воздржан Собранието вечерва ја изгласа владата која ја предводи премиерот Христијан Мицкоски
Со 77 гласа „за“, 22 „против“ и ниту еден воздржан Собранието вечерва ја изгласа владата која ја предводи премиерот Христијан Мицкоски

По два дена дебата и меѓусебни обвинувања со 77 гласа „за“, 22 „против“ и ниту еден воздржан Собранието ја избра Владата. Премиерот најави жестоко темпо и видливи резултати уште во првите 100 дена

СКОПЈЕ – Со 77 гласа „за“, 22 „против“ и ниту еден воздржан Собранието вечерва ја изгласа владата која ја предводи премиерот Христијан Мицкоски. „За“ гласаа пратениците од коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и ЗНАМ а против беа пратениците од СДСМ и Левица. Пратениците од коалицијата „Европски фронт“ ја напуштија седницата половина час пред гласањето.

„Да ви појаснам дека ваков бугарски диктат под вакви околности додека сум јас премиер нема да помине и нема да има уставни измени. Направивте грешка, таа грешка секој еден граѓанин ќе го чини многу, но најмногу ќе ја чини Македонија. Луѓето што ме знаат, знаат дека мојот збор планини тежи и овие работи што ви ги кажувам ги кажувам затоа што верувам во тоа и да ќе ја кажам срамната придавка пред заклетвата затоа што тоа мене лично ме потсетува на срамот што и го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство и моите неродени внуци и на тие по нив. И да ќе правам се додека сум жив политички и како човек се што е во моја моќ оваа неправда да ја исправам, за жал во овој момент сум немоќен и во овој момент и јас како човек ќе морам да капитулирам пред вас и да ја кажам таа срамна придавка затоа што таа за жал е дел од законот и Уставот што морам како претседател на владата да ги почитувам“, рече Микоски.Читајќи ја заклетвата премиерот Мицкоски го користеше уставното име на државата и нагласи дека уставни измени под овие околности нема да има се додека тој е премиер.

Обраќајќи се на опонентите од СДСМ им порача дека ќе им биде потребно време за да ја вратат изгубената довербата од граѓаните.

„Нападите кои ги слушам овие два дена генерално се сведуваат на две тези. Првата е Преспанскиот договор и вратете го името, втората е францускиот предлог и преговарачката рамка. Но вие не ја научивте лекцијата од граѓаните. Кој сум јас да ви делам совети но еве ќе си дозволам да ви дадам два совети. Првиот совет е дека со овие лаги и конструкции што ги слушаме овие два дена нема да повратите довербата кај граѓаните. Затоа што тие точно знаат што правевте и зошто ја изгубивте довербата кај граѓаните ќе треба време да ја повратите. Изборите ги изгубивте затоа што ви играа фудбалчиња понижувајќи пред се вас како личности вашите коалициони партнери а потоа и Македонија како држава. Изборите ги изгубивте затоа што ви се случија Ласкарци, Беса транс, модуларната болница кога луѓе живи гореа а виновен беше кабелот, ви се случија овие порази на изборите затоа што голобради момчиња по некоја случајност роднински поврзани со лидери на ваши коалициони партнери купуваа трговски центри во центарот на Скопје, поразот ви се случи затоа што се возат најскапи ролс ројсеви во едно рурално место во западна Македонија“, изјави Мицкоски.

Тој најави високо темпо на работа уште во првите 100 дена од мандатот, привлекување на инвестиции и резултати кои ќе бидат видливи за граѓаните. Подобар стандард, повисоки плати и функционални институции беа дел од приоритетите кои ги наведе од собраниската говорница.

„ Затоа во првите 100 дена почнуваме фуриозно, со оптимизам, но и со огромна надеж, ќе ги намалиме даноците, ќе ги зголемиме пензиите, ќе отпочнеме проект со над 200 милиони евра за општински проекти, 1 милијарда евра за македонската економија, нови странски инвестиции за нови вработувања, бесплатни учебници за сите, фронт против корупцијата, борба за раст до 5 проценти на македонската економија, почеток на капитални инфраструктурни проекти и многу други работи“, рече Мицкоски.

Кабинетот на премиерот Мицкоски ќе бори 24 члена вклучувајќи го и него. Владата ќе има 20 министерства и 3 министри без ресор, четворица вицепремиери и еден прв вицепремиер. Во Владата 15 министри и премиерот се од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, шестмина се од коалицијата „Вреди“ а двајца од „ЗНАМ“.

Министер за надворешни работи и трговија е Тимчо Муцунски, за внатрешни работи Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, заменик претседател на Владата и министер за транспорт е Александар Николоски, за финансии е Гордана Кочоска Димитриеска, енергетика, рударство и минерални суровини е Сања Божиновска, министерка за образование и наука е Весна Јаневска, министер за култура и туризам е Зоран Љутков, министер за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски, министер за спорт е Борко Ристевски, за локална самоуправа Златко Перински и за земјоделство е Цветан Трипуновски, а министер за спорт Борко Ристовски. Вицепремиери се Љупчо Димовски кој ќе биде и министер за политички систем и Иван Стоиљковиќ вицепремиер задолжен за односи со заедниците.Шабан Салиу е министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.

Од коалицијата „Вреди“ прв вицепремиер и министер за животна средина е Изет Меџити, Арбен Таравари е министер за здравство, Орхан Муретзани е министер за европски прашања, минисетр за економија е Бесар Дурмиши, министер без ресор и заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење е Арбен Фетаи и министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани. Од ЗНАМ министри во кабинетот се Игор Филков кој ќе го води ресорот правда и Горан Минчев кој е во ресорот јавна администрација.

Христијан Мицкоски е тринаесеттиот премиер и тој ќе ја предвои 20-тата Влада од осамостојувањето во 1991 година.

XS
SM
MD
LG