Пригожин објави прво видео по побуната навестувајќи дека е во Африка

Евгениј Пригожин го објави своето прво видеообраќање откако ја предводеше краткотрајната побуна кон крајот на јуни, појавувајќи се во клип, веројатно снимен во Африка, на каналите на Телеграм поврзани со групата „Вагнер“.

Пригожин се гледа како стои во пустина со пушка во рацете. Во далечината има повеќе вооружени луѓе и еден пикап.

Ројтерс не можеше да го лоцира или да го потврди датумот на видеото, но коментарите на Пригожин и некои објави во провагнеровите канали сугерираат дека е снимено во Африка.

„Температурата е +50 - сè како што сакаме. „Вагнер“ ја прави Русија уште поголема на сите континенти, а Африка - послободна. Правда и среќа - за африканскиот народ, ние го правиме животот кошмар за ИСИС и Ал Каеда и други бандити“, вели Пригожин во видеото.

Тој потоа вели дека „Вагнер“ регрутира луѓе и групата „ќе ги исполни задачите што беа поставени“.

Видеото е придружено со телефонски број за оние кои сакаат да се приклучат на групата.

Иднината на „Вагнер“ и Пригожин е нејасна откако тој предводеше кратка побуна против рускиот одбранбен естаблишмент кон крајот на јуни и Кремљ рече дека тој и некои од неговите борци - кои се бореле во некои од најжестоките битки во војната во Украина - ќе заминат во Белорусија.

По побуната, некои борци на „Вагнер“ се преселија во Белорусија и почнаа да ја обучуваат армијата таму.

Во коментарите објавени кон крајот на јули, Пригожин, исто така, рече дека „Вагнер“ е подготвена дополнително да го зголеми своето присуство во Африка.

Извор: Ројтерс