Преговарачите работат на обезбедување пат за прекин на огнот во Газа

  • VOA

Палестинско девојче гледа додека други го проверуваат училиштето на ОН во кое се сместени раселени лица, кое беше погодено за време на израелското бомбардирање во централниот дел на појасот Газа, на 6 јуни 2024 година

САД работат на обезбедување пат за прекин на огнот во војната во Газа, откако Хамас одговори на повеќестепениот предлог со голем број амандмани.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан, денес им рече на новинарите дека некои од промените на Хамас се „скромни и мали“ и дека може да се преработат, додека други „не се во согласност“ со параметрите детално опишани од претседателот Џо Бајден или оние одобрени од Советот за безбедност на ОН.

Саливан предупреди дека природата на преговорите, кои вклучуваат индиректни разговори со претставници од Египет и Катар, значи дека за напредокот е потребно време.

„Ќе работиме со Катар и Египет, Катар и Египет ќе соработуваат со Хамас. Катар, Египет и САД ќе соработуваат со Израел “, рече Саливан.

Американските власти рекоа дека предлогот за прекин на огнот е израелски предлог, а Саливан рече дека Израелците „стојат зад него“.

Во својата почетна фаза, предлогот за прекин на огнот во три фази повикува на запирање на борбите, ослободување на некои заложници од Газа, ослободување на некои палестински затвореници држени од Израел, пораст на хуманитарната помош за Палестинците, повлекување на израелските војници од населените области на Газа и враќање на палестинските цивили во нивните домови и населби.

Втората фаза предвидува траен прекин на непријателствата во замена за ослободување на сите останати заложници во Газа и целосно повлекување на израелските војници од Газа.

Последната фаза вклучува повеќегодишен план за реконструкција на појасот Газа, од кој голем дел е уништен од осуммесечното израелско бомбардирање.

Исто така, ќе се обезбеди враќање на останките на сите починати заложници што се` уште се во Газа.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс-прес