Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш ги вклучи израелската војска и Хамас на годишната црна листа на сторители кои им наштетуваат на децата.
„Згрозен сум од драматичното зголемување и невидениот обем и интензитет на тешките прекршувања врз децата во појасот Газа, Израел и окупираниот Западен Брег, вклучително и источен Ерусалим“, рече Гутереш во извештајот, кој беше испратен до членките на Советот за безбедност на ОН, но сè уште не е објавен.
Годишниот извештај за деца и вооружени конфликти ги наведува имињата и ги срами оние кои регрутираат, убиваат, осакатуваат или киднапираат деца, вршат сексуално насилство врз нив, им одбиваат хуманитарна помош или напаѓаат училишта и болници.
Специјалниот претставник на Гутереш Вирџинија Гамба има мандат од Советот за безбедност да работи на спречување и ставање крај на овие прекршувања.
Во извештајот до кој дојде Гласот на Америка, Обединетите нации соопштија дека потврдиле 8.009 тешки прекршувања на израелски и палестински деца, но процесот е тековен и бавен поради конфликтот.
Од нив, 113 биле против израелските деца, а останатите биле против палестинските деца во Израел и на палестинските територии.
Во извештајот се вели дека повеќето деца жртви во Газа од 7 октомври до крајот на минатата година биле предизвикани од „употребата на експлозивно оружје во населените области од страна на израелските вооружени и безбедносни сили“.
Покрај Хамас, на листата се најде и палестинскиот Исламски џихад. Двете групи се наведени за првпат, обвинети за убиства, осакатување и киднапирање деца.
Извештајот го опфаќа периодот од јануари до декември 2023 година.
Хамас го изврши својот терористички напад во Израел на 7 октомври 2023 година, предизвикувајќи војна која сега е во својот деветти месец.
Извештајот ги опфаќа само жртвите пријавени или потврдени во 2023 година.
Ова е првпат Израел или Хамас да бидат вклучени на црната листа на извештајот, и покрај убиствата и осакатувањата на стотици деца во најмалку три претходни војни во Газа.
Вооружените и безбедносните сили на Израел се наведени за убивање и осакатување на деца и за напади врз училишта и болници.
„Вклучувањето на израелските сили на „листата на срамот“ на ОН е одамна задоцнето и одразува огромни докази за тешки прекршувања на децата“, изјави Џо Бекер, директор за застапување на правата на децата во „Хјуман рајтс воч' за Гласот на Америка.
Израелските власти изразија огорченост поради тоа што се вклучени на списокот, на кој се вклучени и талибанците и терористичките групи Ал Каеда и Исламската држава.
Портпаролот на ОН минатата недела изјави дека Израел бил известен за неговото вклучување.
Земјата веднаш се обиде да го предводи објавувањето на извештајот, отфрлајќи го како повеќе антиизраелска акција од страна на Обединетите нации.
„Денес ОН се додадоа на црната листа на историјата кога им се придружија на оние кои ги поддржуваат убијците на Хамас“, рече премиерот Бенјамин Нетанјаху во петокот.
„ИД е најморалната армија во светот. Ниту една заблудна одлука на ОН нема да го промени тоа“.
Израелскиот амбасадор во Обединетите нации отиде понатаму, објавувајќи го видеото од дел од неговиот телефонски разговор со шефот на кабинетот на Гутереш.
„Целосно сум шокиран и згрозен од оваа срамна одлука на генералниот секретар“, рече Гилад Ердан во повикот во петокот, додавајќи дека тоа ќе го награди Хамас и ќе ја продолжи војната.